АД ЕЛЕМ на конференција „Hydro Power Balkans 2017“ во Подгорица

LinkSense.mk

Државните електростопанства на земјите од Балканот сметаат дека меѓународните финансиски институции, како што се Светската банка и Европската инвестициска банка, треба повеќе да ги финансираат новите проекти за изградба на хидроелектрани на Балканот. Ова беше изнесено на дебатата на конференцијата „Hydro Power Balkans 2017“ што се одржа во Подгорица, Црна Гора, на која се дискутираше за проблемите во планирањето и изградбата на нови хидроелектрани.

На конференцијата присуствувале и претставниците на АД ЕЛЕМ, кои како што се наведува во соопштението, ја изнесоа заложбата за нужно инвестирање во производство на овој вид електрична енергија, како чиста и долгорочно најисплатлива.

Електрани на Македонија ги презентирале идните развојни проекти, хидроелектраните Чебрен и Галиште и дел од Вардарска долина.

„Со оглед на тоа што овие проекти не се наоѓаат во заштитени подрачја за кои важат посебни одредби, предизвикаа интерес кај меѓународните инвеститори, како и кај производителите на опрема, присутни на конференцијата „Hydro Power Balkans“, соопшти АД ЕЛЕМ.

Учесниците од земјите од регионот се согласиле дека е потребно забрзување на сложениот процес на усогласување на дел од локалните закони со законите на Европската унија во делот на заштитата на животната средина, бидејќи меѓународните финансиски институции влегуваат во финансирање само на проекти за нови хидроелектрани кои ги запазуваат високите стандарди на ЕУ за заштита на околината.