На азиските берзи денеска индексите нагло паднаа, додека цените на нафтата нагло пораснаа бидејќи инвеститорите стравуваат од војна во Украина, откако Русија испрати војници во два проруски региони во земјата.
Азиско-пацифичкиот берзански индекс МСЦИ (MSCI), без јапонскиот, околу 6:45 часот беше во минус 2 отсто.
Притоа, на Токиската берза индексот Никеи се лизна за околу 2 отсто, додека цените на акциите во Австралија, Шангај, Јужна Кореја и Хонг Конг паднаа меѓу 1,3 и 3 отсто.
Азиските берзи нагло паднаа поради ескалацијата на тензиите меѓу Западот и Русија.
Рускиот претседател Владимир Путин вчера призна два одметнати проруски региони во источна Украина и и нареди на руската војска веднаш да тргне таму и да започне „операција за зачувување на мирот“.
Ова предизвика остра осуда од Западот и повици за санкции и ги засили стравувањата дека е неизбежна војна на истокот на Европа.
Заради тоа, на Волстрит, каде што вчера не се работеше поради празник, вредноста на СиП 500 (S&P 500) индексот се намали за околу 1,5 отсто, а паднаа и европските индекси.
Курсот на руската рубља, пак, падна во однос на доларот на најниско ниво во последните 18 месеци, додека рускиот берзански индекс МОЕКС (MOEX) вчера потона за повеќе од 10 отсто.
„По овој руски потег поблиску сме до воена интервенција, што секако носи голем ризик на пазарите. Очекувам зголемена пазарна нестабилност на краток рок, пораст на цените на нафтата и пад на цените на акциите. Инвеститорите ќе бараат засолниште за капитал во побезбедни инвестиции, како што е јапонскиот јен“, рече Карлос Казанова, економист во УБП (UBP).
А, на валутните пазари вредноста на доларот во однос на кошницата валути порасна.
Индексот на доларот, кој ја покажува вредноста на американската во однос на другите шест главни светски валути, утринава се движи околу 96,22 поени, додека вчера во ова време изнесуваше 95,85 поени.
Притоа, курсот на доларот во однос на јапонската валута се лизна од вчерашните 114,95 на 114,65 јени.
Но, американската валута зајакна во однос на европската, па цената на еврото се лизна на 1,1300 долари, додека вчера во овој момент беше 1,1360 долари.
Цените на нафтата, од друга страна, значително се зголемија, приближувајќи се до новите највисоки нивоа за повеќе од седум години, бидејќи трговците стравуваат од прекин на снабдувањето со енергија на Русија.
На лондонскиот пазар цената на барелот скокна за 1,5 отсто на 96,80 долари, додека на американскиот пазар барелот поскапе за 3,05 отсто на 93,85 долари.