Цените на акциите на азиските берзи денеска остро паднаа, како и претходниот ден на Волстрит, поради повисоката од очекуваната американска инфлација, додека американската валута силно се зголеми, со што еврото се врати под границата од еден долар.
Индексот МЦСИ (MSCI) на азиско-пацифичките акции, без Јапонија, околу 7 часот беше во минус за повеќе од 2 отсто.
Во исто време, на берзата во Токио индексот Никеи (Nikkei) падна за 2,5 отсто, додека цените на акциите во Шангај, Јужна Кореја, Австралија и Хонг Конг паднаа меѓу 1 и 2,6 отсто.
Вчерашниот остар пад на Волстрит ги стави азиските инвеститори во дефанзива.
Дау Џонс (Dow Jones) падна за 3,94 отсто, додека СиП 500 (S&P 500) потона за 4,32 отсто, а Насдак (Nasdaq) индексот 5,16 отсто.
Најголемиот дневен пад на тие индекси во повеќе од две години следеше после извештајот кој покажа дека инфлацијата во САД во август изнесувала 8,3 отсто.
Навистина, тоа е помалку од 8,5 отсто од јули, но повеќе во однос на очекувањата на аналитичарите од 8,1 отсто.
Дополнително, основната стапка на инфлација, од која се исклучени цените на енергијата и храната, порасна од 5,9 на 6,3 отсто.
Во претходните четири дена цените на акциите силно пораснаа бидејќи инвеститорите се надеваа на позначајно олеснување на инфлациските притисоци.
„Распродажбата на акциите не е изненадувачка, со оглед на силниот раст на пазарот до објавата на податоците за инфлацијата“, оценува Пол Нолти, менаџер во компанијата „Кингсвју Асет Менаџмент“ (Kingsview Asset Management).
По податоците за инфлацијата, спласнаа надежите на инвеститорите дека ФЕД ќе го забави темпото на зголемување на каматните стапки.
ФЕД ги зголемува каматните стапки од март, а дополнително ќе ги зголеми и на дводневната седница на 20 и 21 септември. Се очекува ново, трето во низа, зголемување од 0,75 процентни поени, а дел од аналитичарите сметаат дека е можно зголемување и за цел процентен поен.
„Со претстојното зголемување во септември, ФЕД во овие шест месеци ги подигна каматните стапки за цели три процентни поени во изминатите шест месеци. Сè уште не сме го почувствувале целосното влијание од сето тоа, но ќе го почувствуваме. Ние сме на работ на рецесија“, вели Пол Нолти.
Инвеститорите стравуваат дека долгиот период на затегнување на монетарната политика ќе ја доведе економијата во подлабока рецесија.
Технички, американската економија веќе западна во рецесија, имајќи предвид дека во последните две тримесечја паѓа на квартална основа, но засега оваа рецесија е плитка.
А, на девизниот пазар, вредноста на доларот во однос на кошницата валути силно порасна по вчерашните податоци за инфлацијата во САД, бидејќи ФЕД може да ги зголеми каматните стапки повеќе од очекуваното и да ги задржи на тие нивоа подолго од проценетото.
Цените на нафтата, пак, благо пораснаа, по вчерашниот пад. Утрово цената на барелот на лондонскиот пазар зајакна за 0,20 отсто, на 93,38 долари, додека на американскиот пазар цената на барелот се намали за 0,30 отсто, на 87,57 долари.
(Фото: МИА)