Алибаба Груп спречува 300 мил. обиди за хакирања дневно

Кинескиот технолошки гигант Алибаба Груп на мета е на околу 300 милиони обиди на сајбер напади дневно, изјави основачот и поранешен извршен директор на компанијата, Џек Ма.

Ма вели дека е „горд“ што и покрај огромниот број на обиди за злоупотреби, Алипеј огранокот на таа фирма за електронски плаќања, кој има близу милијарда корисници и обработува трансакции во вредност од 50 милијарди долари дневно, сеуште не изгубил „ни цент“ поради хакери.

„Во Алибаба Груп имаме преку 300 милиони обиди за хакирање дневно. Секој ден. Но тоа го решаваме без каков било проблам“, рече Ма на глобалната конференција на генерални директори на „Форбс“ во Сингапур.

Успешното спречување на сајбер нападите Ма го препиша на напредните технолошки можности на компанијата, употребувајќи ја кратенката АИ (вештачка интелигенција) како синоним за „Алибаба Интелигенција“ и оцени дека машините се посупериорни над луѓето во користењето на логиката за спречување на злонамерно однесување на мрежата.

„Машината ја учиме за сите начини на кои луѓето мамат. Машината памети повеќе милиони начини на измами, па кога ќе почнеме со мамење, таа веќе знае дека мамите. Така ја штитиме сета технологија“, објасни тој.

За да се постигне таков степен на прецизност, Ма напоменува дека компанијата мора да собере огромна количина на податоци за клиентите. Тој тврди дека тоа и овозможува на фирмата да ги развива сигурносните мерки за детектирање на лошите човечки постапки.

„Дајте и ги моите податоци на машината. И верувам повеќе на машината отколку на луѓето. Кога ќе ги дадам своите податоци на луѓето, загрижен сум за тоа. Машината води сметка само за тоа дали правите добри или лоши работи“, заклучува тој.

Ма минатиот месец се повлече од Алибаба, после 20 години од основањето на компанијата. На конференцијата во Сиунгапур му беше доделена награда за животно дело за извонреден придонес во претприемаштвото.