„Алкалоид“ годинава инвестирал над 850 милиони денари, со 178 нови вработувања во земјава

LinkSense.mk

Продажбите во „Алкалоид“, според единечниот биланс на успех, во периодот од јануари до септември годинава достигнаа 7.165.890.933 денари, што е за 4 % повеќе во споредба со истиот период од минатата година.

Вкупните консолидирани продажби, пак, достигнаа 9.449.288.430 денари, што споредбено со лани е за 6 % повеќе.

Консолидираните продажби остварени на домашниот пазар се зголемени за 6 %, а, исто така, и вкупниот консолидиран извоз на компанијата е зголемен за 6 %. Од вкупните консолидирани продажби, 35 % се остварени на домашниот пазар, додека, пак, 65 % се остварени на странските пазари.

Гледано според региони, во земјите од Југоисточна Европа се остварени 33 %, во земјите од Западна Европа (ЕУ и ЕФТА) се остварени 19 %, во Русија и во другите земји од ЗНД се остварени 12 %, а на другите пазари е остварен 1 % од вкупните консолидирани продажби.

Најголем пораст кај извозните пазари бележат продажбите остварени во Германија (раст од 123 %), Полска (раст од 92 %), Русија (раст од 52 %), Украина (раст од 47 %), Унгарија (раст од 42 %), Бугарија (раст од 26 %), Чешка (раст од 25 %) …

За првпат во сегментот фармација се реализираа продажби во Австрија, Португалија и на Кипар, а во сегментот козметика се реализираше првата поголема продажба на колекцијата „Бекутан“ во Саудиска Арабија.

Гледано според групи производи, во структурата на вкупните консолидирани продажби најголемо учество заземаат производите од сегментот фармација, и тоа 87 %. Од нив поголем удел имаат препаратите ОТЦ (20 %), потоа следат антибиотиците (19 %) и кардиолошките препарати и невролошките препарати (по 14 %).

Сегментот хемија, козметика и билкарство учествува со 13 % во вкупните консолидирани продажби, поточно хемијата со 3 %, козметиката со 8 %, а билкарството со 2 %.

Вкупните инвестиции во основни средства во периодот од јануари до септември 2021 година изнесуваат 850.639.878 денари.

Единечната добивка пред финансиските трошоци, даноците и пред амортизацијата (ЕБИТДА), која изнесува 1.687.034.470 денари, бележи зголемување од околу 14 %, додека, пак, единечната нето-добивка изнесува 978.479.923 денари и е зголемена за 16 %.

Консолидираната добивка пред финансиските трошоци, даноците и пред амортизацијата (ЕБИТДА) достигна 1.766.595.559 денари и бележи раст од 14 %, додека, пак, консолидираната нето-добивка во износ од 989.201.826 денари е зголемена за 17 %.

При извршувањето на оперативните активности компанијата ангажираше 1.055 домашни добавувачи.

Во периодот од јануари до септември годинава во „Алкалоид“ се реализирани 178 нови вработувања во Македонија.

Со одлука на Управниот одбор на „Алкалоид“ АД Скопје, во март 2021 година е одобрен и исплатен регрес за користење годишен одмор за вработените во компанијата, во висина од 100 % од просечната исплатена нето-плата од работник во претходните три месеци во Македонија. Исплатениот надомест од вработен е во износ од 31.167 денари бруто, односно 28.050 денари нето.

Групацијата „Алкалоид“ брои 2.511 вработени, од кои 1.933 се во базата во Скопје, а 578 се вработени во подружниците во странство.

Акциите на „Алкалоид“ АД Скопје котираат на официјалниот пазар на Македонска берза за хартии од вредност од 2002 година и важат за едни од најтргуваните и најликвидните акции на берзата. Цената на акцијата во периодот јануари – септември 2021 година се движеше од 13.300 денари до 18.350 денари, или просечно 15.272,83 денари за една акција, што претставува раст од 26,5 % во споредба со просечната цена во истиот период од 2020 година.

На 30.9.2021 година акциите на „Алкалоид“ беа во сопственост на 5.114 акционери, физички и правни лица, a пазарната капитализација на компанијата изнесуваше 24,5 милијарди денари.

Бизнис-планот за 2021 година, донесен со одлука на Управниот одбор на компанијата на седницата одржана во декември 2020-та, предвидува инвестирање на околу 12 % од консолидираните приходи од продажбите во материјални и во нематеријални средства, раст од 7 % на консолидираните продажби во однос на 2020 година, како и раст од 7 % на консолидираниот профит пред оданочувањето во однос на 2020 година.

Бизнис-планот за 2021 година е базиран на очекувањата, проекциите и на можностите на тековните и на новите пазари и производи, достапни за компанијата во моментот на изготвување на планот. Околностите и настаните во 2021 година, а со тоа и остварените резултати, може да варираат во однос на прикажаните во бизнис-планот.

Во изминатиот период друштвото се соочи со голем број интерни и екстерни предизвици и новонастанати ризици генерирани од пандемијата на Ковид-19, заради што презедовме значителни мерки за неутрализирање на сите негативни ефекти, без притоа да се загрози здравјето на вработените и успешното работење на друштвото.

Во претстојниот период врвен приоритет и натаму останува грижата за здравјето на вработените, како и одржувањето на тековната ликвидност и на финансиската стабилност и остварувањето на планските цели.