Американската индустрија во полн налет во април

Американските фабрики во април фатија залет забележувајќи најголем раст на производството уште од февруари 2014 година, известува агенцијата „Блумберг“.

Според податоците на Федералните резерви, фабричкото производство во април порасна за 1,0 отсто после падот од 0,4 проценти во март, додека вкупната индустрија (вклучувајќи ги рудниците и комуналните претпријатија), исто така е зголемена за 1,0 отсто, после зголемениот ревидиран раст од 0,4 отсто во претходниот месец.

Искористеноста на капацитетите, која мери колкав потенцијал од фабриките се користи, се искачи на 76,7 отсто, на највисоко ниво од август 2015-та, од мартовското ниво кое изнесуваше 76,1 отсто.

Комуналниот сектор забележа раст од 0,7 проценти во април, после енормниот раст од 8,2 отсто во март.

Производството на моторни возила се зголеми за 5,0 проценти.

Кога ќе се исклучи производството на автомобили и автомобилски делови, индустриското производство порасна во април за 0,7 отсто втор месец по ред.

Рударството напредуваше за 1,2 отсто, за што најповеќе допринесоа ископите на јаглен и бушотините за нафта. Производството на нафта и гас порасна за 9,0 отсто.

Зголемена е и продукцијата на стоки за широка потрошувачка во април за 1,5 отсто, најповеќе од ноември 2014 година.

Производството на опрема регистрираше раст за 1,2 отсто, а на машини за 0,9 отсто, пренесе њујоршката агенција.