Американски елитни единици пристигнаа во Полска

LinkSense.mk

Авион со американски војници вчера попладнето слета во Полска, со што Вашингтон го зајакна својот сојузник во НАТО, во време на тензиите околу руското трупање на војска на границата со Украина, објави Ројтерс.

Американскиот претседател Џо Бајден во средата нареди распоредување на дополнителни 3.000 војници во Полска и Романија, со што Вашингтон сака да ги увери своите сојузници дека цврсто стои на нивна страна.

Пентагон објави дека 1.700 војници, главно од 82. Воздушна десантна дивизија, ќе бидат префрлени од Форт Брег, Северна Каролина, во Полска.

Еден ден претходно со авион во Полска пристигна командантот на дивизијата, генерал-мајор Кристофер Донахју. Во тоа време, на аеродромот Рсешов-Јасионка слетаа и неколку авиони со американска воена опрема и систем за извидување.

Не се знае колку војници вчера пристигнаа во Полска, но авионот Ц17 може да носи 102 падобранци со полна воена опрема, според веб-страницата на американското воено воздухопловство.

Нашиот државен придонес во Полска ја покажува нашата солидарност со сите наши сојузници во Европа. Очигледно е дека во овој период на неизвесност знаеме дека заедно сме посилни“, рекол Донахју, вчера, по слетувањето на авионот, објави новинската агенција повикувајќи се на очевидец на настанот.

Полскиот министер за одбрана Мариуш Блашчак, истакнал дека тоа е првата група американски војници „од елитна единица“.

Уште авиони ќе слетаат во наредните часови. Војници ќе дејствуваат во југоисточниот дел на нашата земја“, додал тој.

Русија ги отфрла обвинувањата дека планира инвазија на Украина, но распореди повеќе од 100.000 војници долж украинската граница и порача дека може да преземе воени акции доколку НАТО не ги прифати нејзините барања, кои вклучуваат ветување дека Украина нема да се приклучи на Алијансата.