Американско истражување: Аспиринот да не се зема „на своја рака“

Експертска американска владина комисија соопшти дека повеќе не препорачува дневна доза на аспирин за да се намали ризикот од срцев и мозочен удар кај луѓето постари од 60 години, пренесе француската новинска агенцвија АФП.

Лицата во периодот од 40 до 59 години кои имаат поголем ризик од развој на кардиоваскуларни болести, но немаат историја на таа болест, треба да се посоветуваат со својот матичен лекар и да донесат индивидуална одлука дали ќе почнат да го земаат лекот.

Оваа изјава претставува голем пресврт во американското медицинско подрачје, каде што секојдневното земање на аспирин е раширена пракса.

Лекот ја разредува крвта, спречува стварање на крвни грутки и го намалува ризикот од срцев или мозочен удар.

Од 2016 година Работната група за превенција, владино медицинско стручно тело, препорача дневна доза на аспирин за лица во педесетите години кои имаат 10 отсто зголемен ризик од срцев или мозочен удар во следните десет години.

Но, веќе неколку години студиите ги доведуваат во прашање тие препораки.

Вчера експерти рекоа дека добрите дејствија на аспиринот не се доволни да го избалансираат зголемениот ризик од крварење, посебно во мозокот и цревата, кај старите лица.

Секојдневна употреба на аспирин може да помогне во спречување на срцев и мозочен удар кај некои луѓе, но потенцијално може да предизвика и сериозни штети, како што е на пример, внатрешно крварење“, рече членот на работната група, Џон Вонг.

Важно е луѓето кои имаат меѓу 40 и 59 години и немаат историја на срцеви заболувања да разговараат со својот лекар и заедно да одлучат дали е добро за нив да почнат да земаат аспирин.“

Овие нови препораки сеуште не се конечни. Тие ќе бидат отворени за јавна расправа до почетокот на ноември.

Исто така не се однесуваат на пациенти кои зимаат аспирин после претрпен мозочен или срцев удар, се наведува во соопштението.

Зимањето аспирин за намалување на ризикот од срцеви болести често е спонтана одлука на многу Американци.

Според студијата од 2017 година, 23 отсто од возрасните лица од 40 и повеќе години кои немаат кардиоваскуларни болести го земале аспиринот како превентивна мерка, од што 23 отсто тоа го направиле „на своја рака“, без препорака од лекар.

 

 

 

(Фото: ЕПА)