Ангел Димитров: Нема притисок врз Историската комисија, првата средба на крајот на февруари

LinkSense.mk

Нема промени во составот на заедничката историска комисија со Северна Македонија од бугарска страна. Луѓето кои повеќе не се во комисијата за Северна Македонија си заминаа доброволно и не се сменети. Чудно е да се бараат промени онаму кадешто одлуките ги носи само земјата која ги предложила релевантните претставници. „Благодарни сме за добрата оценка на нашиот дел од работата на Мешовитиот комитет. Комисијата е научно тело, таа одлучува како треба да работи“ – ова за БНТ го изјави проф. Ангел Димитров, копретседател на Заедничката историска комисија со Македонија, а пренесува Макфакс.

„Како одговор на новата енергија што се внесува во билатералните односи, предвидовме поголема динамика во нашата работа. Закажавме три средби до средината на мај. Ова зголемување на ритамот не е нешто ново, од бугарска страна комисијата сакаше да има уште многу состаноци низ годините за да има резултати“, додаде Димитров.

Рече дека на почетокот оваа нивна желба била опишувана како политички притисок, но сега постои желба од другата страна. Првата средба годинава е на крајот на февруари, коментира Димитров.

Рече дека нема притисок врз комисијата и се пристапува со внимание и реализам, без посебни очекувања.

„Ние сме во средниот век, уште сме на предметот што се учи во основно училиште, сè уште не сме стигнале до она што се учи во средно, а работиме 3 и пол години. Сето тоа е поради неподготвеноста на нашите колеги да прифатат дека имаме заедничка историја, а тоа почна со средниот век, и затоа се случи блокада на нормалниот ритам на комисијата“, рече Димитров.

Инсистирал повторно да се отвори разговорот за Гоце Делчев, и на оваа тема се очекува да стане збор по 150-годишнината од неговото раѓање. Димитров додаде дека не очекува ништо што ќе предизвика голем ентузијазам во работата на комисијата.

Извор: Макфакс