Андреева: Во петок ќе гласаат 12 ковид болни, а во сабота 66 болни и немоќни лица во Штип

Заврши рокот за пријавување на болни и немоќни лица, како и на ковид болните и лицата кои се во изолација за остварување на своето право на глас на предвремените избори за градоначалник во Штип.

Претседателката на Општинската изборна комисија(ОИК)-Штип, Сенка Андреева на денешната прес-конференција рече дека во петок на 11 декември ќе гласаат вкупно 12 ковид болни и лица кои се во изолација, додека во сабота гласаат 66 болни и немоќни лица во своите домови.

-Државната изборна комисија формира две медицински екипи, кои со посебни здравствени протоколи ќе ги посетуваат лицата кои се заразени со коронавирусот и во изолација. За болните и немоќни лица ни пристигнаа 68 барања, но лекар од штипската Клиничка болница, кои ги разгледуваше барањата со нас, прифати 66, вели Андреева.

Таа истакна дека во сабота во пет затвори во земјава ќе гласаат и 67 осуденици од Штип, формирани се избирачките одбори, кои ќе треба да го реализираат гласањето во овие казнено-поправни институции.

Андреева додаде дека пристигнат е недоверливиот, а доверливиот изборен материјал го очекува утре или задутре, кога треба да пристигнат гласачките ливчиња, но и списокот со бројот на гласачи кои имаат право на глас на предвремените избори за градоначалник во Штип. Изборната кампања е на самиот крај и трае до 10 декември на полноќ, кога почнува и изборниот молк.