Ах Тања, ти Тања ….

Правосудството во Македонија, најблаго речено, е во загрижувачка состојба. Речиси секојдневно сме сведоци на судски постапки кои не само што се спротивни на некое колективно чувство за правда, туку се спротивни на фактите докажани надвор од секој сомнеж и се контролираат со јасни правни правила.

Правдата е еден од најсјајните поими на нашиот духовен универзум. Но, понекогаш, за жал во денешно време се почесто, судските одлуки едноставно се надвор од разумот и можностите рационално да се објаснат.

Судењето против Никола Груевски, Миле Јанакиески, Даниела Рангелова и други за насилството пред Општина Центар, гледајќи од страна со очите на правник, е предмет кој секој судија би го посакал – се завршува на едно рочиште.

Да, така е за една нормална држава, за едно нормално судство и што е уште поважно за еден нормален судија.

Ама кај нас, ниту државата е нормална, ниту правосудството е нормално, ниту пак судијата е барем малку нормален.

А, судија во случајов е Тања Михајлова. Таа не ги прифаќа снимените разговори на кои, јасно и гласно се слуша како Никола Груевски му порачува на Миле Јанакиески што да му се направи на Андреј Жерновски, кој колку шамари да му удри и кој што да искрши од државниот имот.

И нема да ги прифати, да знаете. Ниту, пак, ќе осуди кој било од обвинетите. Верувајте ми дека ќе биде така. Јас сум, што би рекол предводникот на гардата од пред ДИК, оној со бундата, 102,3 отсто сигурен.

Тања Михајлова е истражната судијка во чии раце беше случајот „Ликвидација“. Тоа е случајот во којшто бев уапсен, обвинет и осуден на затворска казна.

Кога ја видов дента на 28 мај 2013 веднаш знаев што ме чека.

Каква случајност токму таа да ми биде истражен судија…

Знаев дека ќе одам во затвор. Зошто!? Е, немаше зошто. Затоа што имав писмо – кое укажува на фактот како оваа жена од просечен адвокат стаса до судија, а таа го знаеше тоа. И го предочив. Сакав за тој случај да пишувам во „Репортер 92“, ама не стасав.

Случајот со неа го актуелизирав и откако почнав во „Нова Македонија“. Во повеќе наврати ја молев да ми даде изјава. Оти, нели, така е коректно. Така е професионално. Да се слушне и „другата страна“. Но се некако наоѓаше изговор, демек заради презафатеност. Чекав. Јас чекав, ама таа ме начека…

Писмото е од крајот на 2006 година и не е обично писмо и не е испратено до кого било. Испраќач е Тања Михајлова, тогаш адвокат, а примач е Владата на Република Македонија, лично тогашниот премиер Никола Груевски.

„… Почитуван,
Една од стратешките цели на нашата држава (искрено според мене најважната) се реформите во судскиот систем.
Почитуван, реформите во судството се возможни и можат да бидат успешни само со тектонски поместувања во кадровскиот потенцијал. Нема реформи со стари лица, нема реформи со истите лица кои само ротираат од една позиција на друга (често повисока)…
…Не ја исклучувам вмешаноста и на претходната влада за што доказ е последниот заклучок донесен на седница на Владата на Република Македонија одржана на ден 25.07.2006 година…
…Целта на ова мое обраќање до Вас, како Влада на Република Македонија и Министерството за правда е да се запознаете поблиску со состојбите во овие два суда (Основниот суд во Штип и Апелацискиот суд во Штип) и за судиите кои постапуваат, во смисла како ја злоупотребуваат својата службена положба и овластувањата и како го применуваат материјалното право односно како го применуваат материјалното право односно ја практицираат судската власт. Се надевам дека информацијата ќе биде сватена сериозно и разгледана не заради моја лична корист или на друштвата кои ги застапувам, туку пред се да од Ваша страна се избегне стапицата на некој од овие судии повторно да биде избран во Државниот судски совет… “

Михајлова потоа, во продолжение, на дваесетина страни прави досие на судии, обвинители и лица од Јавното правобранителство кои, според неа, не работат правилно.

Така е тоа. Ја чекав изјавата на „другата страна“, но токму таа „друга страна“ сега имаше прилика да се реши од мене. И тоа таа вешто го искористи.

Ме интересираше само која ќе биде причината што ќе ја наведе во документот. Претпоставував дека ќе измисли нешто.

И навистина… Бев во право

Притворот ми беше даден затоа што сум бил лице кое често не било достапно на телефон дури и за свои пријатели, често сум ги менувал работните места и телефонските броеви.

Ете зошто Груевски е толку комотен во судница. Ете зошто Груевски е поразличен од нас обичните граѓани.

А, дискриминацијата секогаш е недозволена. Таа не може да се оправда. Нема добра, правична и легална дискриминација.

Дискриминацијата постои секогаш кога постои недозволен различен третман на лица, заснован на некое лично својство.

Се стекнува впечаток дека судовите се тука за да ги заштитат посилните, без оглед на тоа на чија страна се правото и правдата.

Правната несигурност понатаму генерира самоволие на моќниците и во таква ситуација граѓаните само можат да се надеваат на легализирање на неправдата.

Ова е пораз за правдата, срам за судот, неправда за обичниот човек.

Туку, Тања…што би рекол Хераклит: „Името на Правдата луѓето не би го познавале кога не би била неправдата“.

И, да…да те потсетам.. Селективната правда е неправда… А, кога неправдата ќе стане закон, отпорот станува должност!