А да размислевте за поинаков локален изборен настап?

На десетина месеци пред годинешниве локални избори, впечаток е дека добар дел од гласачкото тело нема да биде расположено за влегување во уште еден изборен циклус по добро утврдените „слоновски патеки“ на кои ќе се применуваат старите партиски предизборни методи: натпревар во понуди до гласачите во кои кандидатите, од една страна, жестоко меѓусебно лично ќе се напаѓаат и навредуваат за тоа кој каков е (и чиј партиски лидер е поголем криминалец, предавник, патриот и сл.); и, од друга страна, кој ќе вети поголеми локални „лажги со опашки“ за остварување на сечии (и ничии) желби по македонските општински друмови и сокаци.

Ако не ме лаже впечатокот, ова ќе бидат можеби првите локални избори, по подолго време, на кои националните партиски лидери во двете најголеми етнички заедници, како такви, нема да бидат во состојба нивните „харизми“, дури и без разлика кои се локалните градоначалнички кандидати, да ги решаваат изборните резултати по општините. И неодамна објавените анкети на јавното мислење покажуваат дека сите партиски лидери имаат прилично низок рејтинг во јавноста, неважно и во однос на убедливоста на нивните персонални споредбени скорови (како во случајот на значајното водство на Заев пред Мицкоски, на пример), а тоа важи и за самите партии: најголемиот дел од „непартиската“ јавност е уморна од тие бесконечни партиско-лидерски надигрувања и надмудрувања и побрзо би гласала против сите, наместо за некого.

Истото тоа важи и за „големите теми“ што го преокупираат македонското, мачно, политичко секојдневие: да речеме, ако СДСМ мисли дека со заслугата за членството во НАТО; или ако ВМРО-ДПМНЕ мисли дека со проблематизирањето на македонско-бугарските односи и спречувањето на пописот ќе можат да настапат и во локалните изборни понуди, може „гадно“ да се изненадат од реакцијата кај важен дел од гласачкото тело.

Во тоа веројатно не спаѓаат економско-социјалните теми, прекршени низ локалните развојни политики, како и општата здравствена состојба на нацијата со епидемијата, за која не знаеме на кој начин ќе се развие во наредните десетина месеци… Тоа се теми кои имаат многу поперсонален импакт врз гласачите, од геополитичките мантрања за тоа кој нè сака и кој нè мрази во регионот, на континентот и во светот и каков е моментниот пропаганден скор со „предавствата“ и „херојствата“ по тие прашања.

Колумната на Сашо Орданоски во целост прочитајте ја тука