Бајден му се извини на Макрон за „случката со Австралија“

LinkSense.mk

Американскиот претседател Џо Бајден се сретна денеска со францускиот колега Емануел Макрон непосредно пред самитот на Г20 во Рим и зборувајќи за спорот со Париз заради одбранбениот пакт на Соединетите Американски Држави со Велика Британија и Австралија рече дека тоа што го направи Вашингтон било „невешто и незгодно“.

Бајден ја искористи приликата да сврти нова страница во односите кои се затегнаа заради американско-австралискиот безбедносен сојуз познат како АУКУС, кој ја вклучува и Велика Британија. Пактот доведе до тоа Австралија да ја откаже спогодбата од 2016 година за купување на француски подморници.

„Мислам дека тоа што се случи, тоа што го направивме, да употребам англиски збор, беше невешто. Не е одработено елегантно“, изјави Бајден.

Бајден истакна дека таа работа била водена „невешто“ и дека имал чувство дека Франција ќе биде однапред информирана дека договорот со Австралија нема да се реализира. Додаде и дека Америка нема подолготраен и поверен сојузник од Франција и дека не постои дел од светот во кој Вашингтон не може да соработува со Париз.

Макрон на почетокот на состанокот во француската амбасада во Ватикан рече дека средбата ќе овозможи обнова на довербата.

„она што е навистина важно е што заеднички ќе направиме во следните недели и месеци. После таа работа со АУКУС, сега сме во вистински заеднички проект“, изјави Макрон.

Во време на спорот, владата на Макрон оцени дека блиските соработници „и зариле нож во грбот“, бесна заради тоа што аферата ја доведе во прашање улогата на Франција и Европа на глобална сцена.

 

 

 

 

(Фото: ЕПА)