Безбедносна закана: Бугарија протера двајца турски државјани

Бугарија протера двајца турски државјани затоа што претставуваа закана за националната безбедност на земјата.

Според собраните податоци, турските државјани на територијата на Бугарија вршеле противуставни работи насочени против суверенитетот на земјата и единството на нацијата, соопштено е од Државната агенција за национална безбедност.

Овие двајца државјани на Турција ќе добијат забрана за влез во Бугарија во траење од пет години, додека на трет турски државјанин од истите причини би можело да му биде изречена забрана за влез во земјата, пренесуваат бугарските медиуми.

Бугарското министерство за надворешни работи го повика вчера амбасадорот на Бугарија во Турција, Надежда Нејнски, на консултации само неколку дена откако ја обвини Анкара за мешање во претстојните вонредни парламентарни избори, кои ќе бидат одржани на 26 март.

Претходно, на турскиот амбасадор во Софија, Сулејман Гокчеу, врачена му е протестна нота по информациите дека турскиот министер ги повика Бугарите во Турција да гласаат за протурската партија ДОСТ, на чие чело е Љутви Местан, некогашен лидер на партијата на турското малцинство во Бугарија – Движење за права и слобода.

Од бугарското министерство за надворешни работи истакнуваат дека повикот на Анкара шеесет илјади бугарски државјани во Турција да гласаат за ДОСТ е директно мешање во внатрешните работи на Бугарија.

Водачот на Движењето за права и слобода Ахмед Доган го обвини турскиот претседател Таип Ердоган дека се обидува повторно да воспостави отомански султанат.

Тој го критикуваше и турскиот референдум со кој Ердоган се обидува да ги прошири претседателските овластувања.