Без поголеми промени на Вол Стрит

На Вол Стрит вчера берзовните индекси останаа непроменети затоа што, се чини, дека инвеститорите не сакаа премногу да рескираат додека не биде јасна состојбата со движењето на инфлацијата во Соединетите Американски Држави.

Дау Џонс зајакна за 45 индексни поени или за 0.13 отсто, и сега неговата вредност е 34.575 поени, додека, пак, „СиП 500“ се „лизна“ за 0.05 отсто, на 4.202 поени, а пак, „Насдак“ за 0.09 отсто, на 13.736 поени.

Најмногу вчера пораснаа цените на акциите во финансискиот сектор, а по него следеше енергетскиот, благодарејќи на растот на цената на нафтата.

Од друга страна, најмногу ослабе здравствениот сектор, што е последица од падот на цената на акциите на „Абот лаборатотии“, откако таа компанија објави проценки за заработката послаби од очекуваните.

Поддршка на пазарот му пружија податоците за растот на производните активности во САД во мај, благодарение на отварањето на економијата. Тоа ги поддржа цикличните сектори, кои би требало да имаат најмногу корист од заздравувањето на економијата од корона кризата.

„Економијата стабилно расте и тоа е позитивно за цикличните сектори на пазарот“, рече Кристина Хупер, директорка на Одделот за стратегии во компанијата „Инвеско“.

Но, инвеститорите не сакаа премногу да рескираат заради јакнењето на инфлациските притисоци, што би можело да ја наведе американската Централна банка на предвремено заострување на монетарната политика.

Минатата недела беше објавено дека потрошувачките цени, без цените на храната и енергијата, во април се покачиле за 0.7 отсто на месечно ниво, додека во последните 12 месеци пораснале за 3.1 отсто, што е значително над планираната стапка на инфлација на Фед од 2 отсто.

Но, службените лица на Фед непрестано повторуваат дека растот на инфлацијата ќе биде привремен и дека ќе продолжи водењето на попустлива монетарна политика.

Сепак, некои од нив порачуваат и дека се ближи времето кога треба да почне расправата за намалување на износот за купување на државни обврзници, што би бил прв чекор кон заострување на монетарната политика.

Претстојниот важен податок кој значително би можел да влијае на пазарот е оној за вработувањата во САД, кој ќе биде објавен во петок.

Во анкета на Ројтерс аналитичарите проценуваат дека во мај бројот на вработени порасна за 650.000, значително повеќе во однос на 266.000 во април, што би потврдило дека пазарот на труд заздравува, но и дека може да се очекува зајакнување на потрошувачката и инфлацискиот притисок.

Откако неодамна падна 4.3 отсто под својата рекордна стапка, достигната на 7 април, „СиП 500“ сега е одалечен од таа стапка за уште само околу 1 отсто.

А, заради загриженоста во врска со инфлацијата, аналитичарите во анкетата на Ројтерс проценуваат дека на крајот на оваа година тој индекс ќе биде само околу 2.5 отсто над сегашното ниво.

На европските берзи цените на акциите вчера пораснаа. Лондонскиот „ФТСЕ“ порасна за 0.82 отсто, на 7.080 поени, додека франкфуртскиот „ДАКС“ порасна за 0.95 отсто, на 15.567 поени, а пак, парискиот „САС“ за 0.65 отсто и сега тој изнесува 6.489 индексни поени.

(Фото: ЕПА)