Без проблеми мина гласањето на болните, немоќните и затворениците

LinkSense.mk

Гласањето на вториот круг од Локалните избори на болните и немоќните, лицата со Ковид-19, затворениците и лицата во страските домови мина непречено и без проблеми, информира на прес-конференција портпаролката на Државната изборна комисија Љупка Гугучевска.

Денеска своето право на глас можеа да го остварат вкупно 7.645 гласачи.

На гласачките места во 14 затвори можеа да гласаат 1.409 гласачи. Сите гласачки места беа отворени во 7 часот и таму гласањето траеше до 19 часот.

Во домашни услови денеска гласаа и 5,588 болни и немоќни лица или лица во куќен притвор и 376 лица со Ковид-19 или во изолација.

Во установите за вонсемејно згрижување можеа да гласаат 266 лица, а право на глас имаа и шест внатрешно раселени лица.

За вториот круг од Локалните избори, ДИК акредитираше 1.598 набљудувачи, од нив 1.220 се домашни и 368 странски, како и 10 странски новинари.

Државната изборна комисија на располагање има 400 технички лица кои би помогнале за надминување на евентуални проблеми при гласањето.

За гласачите активен е бесплатниот телефонски број 0800 555 44 на кој сите заинтересирани граѓани можат да се јават или да остават коментар до ДИК заедно со своите податоци за контакт за да добијат одговор на поставеното прашање.

И оваа година во однос на комуникацијата со граѓаните со оштетен вид, слух и говор на денот на изборите, односно утре активен ќе биде телефонскиот број 076-488-360 на кој преку видео повик ќе можат да постават прашање до ДИК и да добијат одговор на македонски знаковен јазик.

За сите граѓани на располагање се интеренет страницата на ДИК www.sec.mk, како и страниците на социјалните мрежи Фејсбук и Твитер и каналот на Јутјуб.

Во вториот круг на овие локални избори ќе гласаат 1.353.990 гласачи.