Белгија бара во меѓународното право да се воведе поимот „екоцид“

LinkSense.mk

Белгискиот парламент донесе резолуција со која се бара од владата да се завземе за признавање и казнување за „екоцид“ на меѓународните судови по пример на процесуирањето на злосторствата против човештвото.

Ова гласање кое со големо мнозинство се одржа во одборот мора да се потврди уште на пленарна седница на Парламентот за две до три недели, што би требало да биде само формалност“, рече еден од предлагачите на текстот, пратеникот од редовите на Зелените, Самуел Коголати.

Во необврзувачката резолуција се бара од белгиската влада која ја води либералот Александер де Кро да иницира нов меѓународен договор со кој би се казнувал екоцид.

Со резолуцијата се предлага Белгија за таа цел да се здружи со земјите кои најповеќе се залагаат за воспоставување на таков суд како што се Луксембург, Финска, Шпанија и Франција (каде што во јули е воведено кривично дело – екоцид).

Втората можност за белгиската влада е да појде по примерот на малите држави како островските Вануати и Малдиви кои побараа измена на договорот за основање на Мешународниот кривичен суд во Хаг и во него да се внесе „екоцид“, заедно со воено злосторство и геноцид.

Оваа реформа на Римскиот статут со кој е основан судот во Хаг е моментно најпрагматичниот пат“, изјави за АФП Коголати.

За тоа е потребна поддршка од две третини од околу 120 земји учесници во тој договор, истакна пратеникот.

Кина, Америка и Русија не се заинтересирани затоа што не го признаваат Меѓународниот суд во Хаг.

Во моментите кога сите очи од светот се вперени кон ЦОП26 сакаме да бидеме сигурни дека криминализацијата на екоцид е меѓународна расправа. Кривичното право мора што поскоро да и дојде на помош на планетата“, наведоа во образложението белгиските пратеници од партијата на Зелените.

Излевањето на нафта од танкерот „Ерике“ во Франција, хемискиот отпад од американската компанија „3 М“ во пристаништето во Антверпен, нетранспарентноста на „Монсато“, сега подружница на германскиот „Баер“, во врска со штетноста на хербицидот: сето тоа може да се подведе под ова ново кривично дело, оцени партијата Еколо-Грун, истакнувајќи дека „треба да се прекине со неказнувањето на големите загадувачи“.

Белгиската коалициска влада ја сочинуваат либералите, социјалистите и Зелените. Резолуцијата ја поддржаа и опозициските партии (центристите и комунистите). Против биле само крајната десница (Влаамс Беланг) и фламанските конзервативци (Н-ВА).