Судот во Италија го ослободи денеска поранешниот премиер Силвио Берлускони од обвиненијата за поткуп на сведоци во случај од 2013 година поврзан со малолетничка проституција.
Берлускони беше обвинет дека, наводно, му платил на италијанскиот пејач Маријано Апичели 157.000 евра, за да лаже на претходно одржаното судење, во кое некогашниот премиер беше обвинет дека платил за секс со 17-годишна мароканска танчерка во ноќен клуб.
Берлускони на тоа судење беше ослободен од вина.
Тој на новото судење за поткуп изјави дека не е виновен, а римскиот обвинител Роберто Феличи пред судот истакна дека треба да биде ослободен бидејќи нема доволно основи случајот да продолжи.
Судиите, исто така, го ослободија и Апичели од обвиненијата за примање поткуп, како и за наводното лажно сведочење.