„Бинансе“: Криптото ќе преживее

LinkSense.mk

Извршниот директор на „Бинансе“ (Binance), најголемата интернетска берза за тргување со криптовалути, тврди дека формирале фонд за обновување за да им помогне на луѓето во индустријата, истовремено уверувајќи дека секторот „ќе биде добро“.

„Сакаме силните играчи во нашата ‘индустрија’, денес, да ги заштитат добрите играчи во неа, кои би можеле да бидат само краткорочно оштетени“, рече Чангпенг Жао, првиот човек на „Бинансе“ во интервјуто со Ден Марфи од Си-Ен-Би-Си за време на „Финансиската недела“ што се одржува во Абу Даби.

Жао рече дека криптовалутата „покажа исклучителна отпорност“, сугерирајќи дека не очекува неодамнешните турбуленции да предизвикаат долгорочна штета.

Тој не ја прецизираше точната бројка за големината на фондот за закрепнување.

Неговите коментари доаѓаат само една недела откако „Бинансе“ се повлече од договорот за спасување на конкурентската берза ФТХ (FTX), која во петокот поднесе барање за банкрот.

Цената на биткоинот падна под 17.000 долари, за прв пат од 2020 година, а постои загриженост дека таканаречената „крипто-зараза“ може да доведе до пад на други големи имиња во крипто-индустријата, како што е „Крипто.ком“ (Crypto.com).

Жао ги негираше тврдењата и рече дека платформата „работи како и обично“.

„Краткорочно, постои голема болка, но долгорочно тоа ги забрзува напорите што ги правиме за да ја направиме оваа индустрија поздрава“, рече тој.

Во понеделникот информираше дека „Бинансе“ забележал „благ пораст на повлекувања“ во изминатата недела, но рече дека тоа е во склад со другите падови на пазарот.