Блинкен на турнеја низ северна Европа

Државниот секретар на САД, Ентони Блинкен денеска ја почна својата турнеја низ северна Европа во чиј фокус ќе бидат климатските промени на Арктикот и средбата со рускиот министер за надворешни работи Сергеј Лавров.

Блинкен денеска отпатува од Вашингтон за Копенхаген, каде утре ќе се сретне со лидерите на Данска, а потоа ќе отпатува за Рејкјавик, главниот град на Исланд.

Во Рејкјавик во среда и четврток ќе учествува на министерскиот состанок на Арктичкиот совет, форум составен од осум земји, САД, Русија, Канада, Исланд, Данска, Норвешка, Шведска и Финска.

Во фокусот на престојот на Блинкен во Рејкјавик ќе биде неговата средба со Лавров, првата американско-руска средба на високо ниво откако американскиот претседател Џозеф Бајден стапи на должност на 20 јануари.

Средбата, која се одржува во време на зголемени тензии меѓу Москва и Вашингтон околу Украина и руски хакерски напади врз САД, ќе биде посветена на подготовките за јунскиот самит на Бајден и рускиот претседател Владимир Путин.

Стејт департментот соопшти дека Блинкен, меѓу другото, ќе ја предупреди Русија да не се меша во внатрешните работи на САД, Украина и другите земји.

Како приоритет на своето учество на состанокот на Арктичкиот совет, Блинкен планира да го иницира прашањето за климатските промени.

На последниот состанок на Арктичкиот совет, во Финска во 2019 година, тогашниот министер за надворешни работи на САД, Мајк Помпео и американската делегација предизвикаа загриженост кај другите членки прифаќајќи ја загубата на морскиот мраз како начин за зајакнување на поморската трговија.

Стејт департментот информира дека Блинкен ќе го искористи своето учество на состанокот „за да ги унапреди напорите за зачувување на Арктикот како регион без конфликти, околу кој членовите на Арктичкиот совет работат заедно на заедничките приоритети за да се заштити благосостојбата на арктичките заедници и да се соочат со растечката закана и влијанијата на климатската криза“.

Арктикот, огромна територија со екстремни услови околу Северниот пол, последните неколку години е во центарот на геополитичката конкуренција меѓу членовите на Арктичкиот совет, поради природните ресурси и стратешката позиција.