Борисов поднесе оставка

Бугарскиот премиер Бојко Борисов поднесе оставка, затоа што неговата партија претрпе тежок пораз во вториот круг од претседателските избори, со што е отворен патот за вонредни парламентарни избори.

Според официјалните податоци, за шеф на државата е избран поранешниот командант на военото воздухопловство, Румен Радев, кој ја имаше поддршката од социјалистите.

„Ја прифаќаме волјата на народот и им честитаме на оние кои имаат поддршка од поголемиот дел од избирачите“, изјави Борисов, чија партија победи на сите избори одржани во изминатата деценија.

Радев освои повеќе од 59 отсто од гласовите, во однос на 36 отсто колку што имаше кандидатот од десниот центар, Цецка Цачева.

Според зборовите на Радев, резултатите од изборите се „негативно гласање за владата, кое води до нова политичка ситуација“.

Радев петгодишниот мандат ќе го почне на 22 јануари 2017 година.