Брисел очекува фокус на владеењето на правото и добрососедските односи

Европската Комисија и официјално се осврна на стапувањето на функција на новата влада во Северна Македонија преку писмено соопштение до МИА, јавува дописничката од Брисел.

Портпаролката на Европската Комисија, Ана Писонеро, во име на институцијата изрази желба за добра соработка со новата влада предводена од Зоран Заев во делот на реформите и приоритетите поврзани за ЕУ, во корист на граѓаните.

-Очекуваме од властите да го задржат и забрзаат спроведувањето на реформите, посебно во делот на владеењето на правото, борбата против организираниот криминал и корупцијата и понатаму да ги зацврстат добрососедските односи, изјави Писонеро за МИА.

Утрово еврокомесарот за проширурвање, Оливер Вархеји, шефот на европската дипломатија, Јосеп Борел, претседателот на Европскиот Парламент и еврокомесарот за буџет, Јоханес Хан, исто така го поздравија новиот владин состав и изразија желба за добра соработка во делот на ЕУ агендата.