Британија електронски ќе ги следи мигрантите

LinkSense.mk

Некои баратели на азил кои пристигнале во Велика Британија со мали чамци или камиони ќе бидат електронски следени како дел од пилот-проектот на британското Министерство за внатрешни работи, пишува Би-Би-Си.

Едногодишниот пилот-проект може да влијае на возрасните кои треба да бидат депортирани од Британија по пристигнувањето во земјата преку „опасни или непотребни рути, го цитираше Би-Би-Си министерството без јасно објаснување што значи, во случајов, „непотребни“.

Први кои ќе бидат следени најверојатно ќе бидат луѓето кои оваа недела успешно го оспорија нивното преселување во Руанда. Критичарите велат дека со таквиот план кон оние кои ќе бидат следени се постапува како кон криминалци. Пилот-проектот беше најавен ден откако во последен момент, по интервенција на Европскиот суд за човекови права, беше откажан првиот лет од Британија до Руанда.

Британското министерство за внатрешни работи пишува дека проектот, кој почна да се применува во четвртокот во Англија и Велс, треба да покаже дали електронското следење на барателите на азил го подобрува решавањето на нивните барања.

Со мониторингот ќе се собираат податоци за тоа колку од овие луѓе избегале. Лицата кои ќе бидат електронски надгледувани може да бидат предмет на полициски час, а оние кои нема да се придржуваат кон условите ќе можат да бидат вратени во притвор или кривично гонети.

Во насоките на проектот стои дека оние кои се информирани дека ќе бидат депортирани од Британија често одлучуваат да побегнат и помали се шансите да ги почитуваат условите за нивно пуштање на слобода. Нејасно е како точно ќе се одлучува кој ќе биде следен, но во упатството на министерството стои дека проектот нема да ги опфати децата и трудниците.

Службениците задолжени за овие луѓе мора да размислат дали уредот би предизвикал сериозна штета на менталното или физичкото здравје на лицето што треба да се следи и дали тоа било жртва на тортура или модерно ропство.

Меѓутоа, насоките велат дека овие фактори сами по себе не го забрануваат електронскиот мониторинг. Барателите на азил со уред за следење ќе мора редовно лично да се појавуваат во центарот за имиграција или во полициската станица.

 

 

 

 

(Фото: ЕПА)