Бројот на новозаразени со корона во светот пак во пораст

Повеќе од четири милиони луѓе се заразени со Ковид-19 ширум светот во изминатата недела, а повеќе од 64.000 починаа, соопшти вчера Светската здравствена организација (СЗО).

„Бројот на нови случаи на инфекција се зголемува повеќе од еден месец. Минатата недела се потврдени повеќе од четири милиони“, се вели во неделниот билтен на СЗО.

СЗО бара 11,5 милијарди американски долари итни средства за борба против позаразната делта варијанта на корона вирусот. Голем дел од парите што се бараат од партнерите на СЗО се потребни за купување тестови, кислород и маски за лице за посиромашните земји.

Директорот на Светска здравствена организација (СЗО) Тедрос Аданом Гебрејесус вчера побара воведување мораториум за дополнителни дози вакцина против Ковид-19, барем до крајот на септември. Според него, ова е неопходно за да може да се вакцинираат најмалку десет проценти од населението со две дози на која било земја во светот, што е и целта на СЗО.

„Мораториумот ќе овозможи да се испратат повеќе вакцини во земјите со ниски приходи каде има недостиг од нив. Треба да се фокусираме на луѓето кои се најранливи и најмногу изложени на ризик од сериозни болести или смрт, тие треба да ја добијат првата и втората доза“, истакна Гебрејесус.

Францускиот претседател Емануел Макрон најави дополнителни 100 милиони евра итна помош за Либан и 500.000 дози вакцини против Ковид-19 за таа земја.

Австрискиот министер за образование Хајнц Фасман вчера, пак, го претстави планот за безбеден почеток на новата учебна година и покрај пандемијата со Ковид-19.

Стратегијата вклучува „систем за рано предупредување“, проширена стратегија за тестирање, вакцинирање и купување прочистувачи на воздух.

Поради сложената епидемилошка ситуација и високите стапки на морбидитет на 100.000 луѓе пријавени во последните 14 дена во земји блиски до Бугарија, бугарското Министерство за здравство им препорачува на своите граѓани да се воздржат од непотребни патувања во Грција, Кипар и Турција.

И во Косово има зголемен е бројот на заразени со Ковид-19. Од извршени 3.160 тестирања со методот РТ-ПЦР, како заразени се потврдени 221 лице, што е највисока бројка на новозаболени од Ковид-19 уште од крајот на април годинава.