Бугарите не се Македонци

Насловот од текстот објавен пред 30 години во „Нова Македонија“ од Глигор Стојковски и денес идеално одговара на актуелната ситуација на односите меѓу двете земји. Се надевам дека нема да ми се налути колегата за ова позајмување за една мала новинарска пародија, бидејќи како е пожестока и подраматична бесмислената расправата со политичките, академски, научни и интелектуални елити на нашиот „братски народ“, така е се потрагикомична, до гротеска.
Значи, научно, историски и антрополошки е докажано дека Бугарите не се Македонци и за тоа нема дилеми ни во Бугарија, ни во Македонија, ниту во светот. Бугарите се пет сантиметри во просек повисоки од Македонците, имаат сини очи и руса коса, убав бело жолтеникав тен, многу се начитани, образовани и културни, имаат европејски манири. Нивниот јазик е помелодичен и помилозвучен, литаратурно поизграден. Многу се толерантни и секогаш подготвени на компромис. Ги обожаваат Македонците како родени браќа и сестри.
Проблемот е во тоа што всушност Македонците се заостанати и неосознаени Бугари, ама никако не сакаат тоа да го признаат, освен кога земаат бугарски пашапорт. Македонците се ортодоксни комунисти и титоисти. Такви се раѓаат и умираат. Никогаш не возвраќаат на големата љубов и жртви што ги направил бугарскиот народ за Македонија. Бессрамно крадат туѓа историја оти немаат своја. Никогаш не ја признаваат вистината дека Бугарите ги ослободиле и од Османлиите и од Србите и од германските фашисти.

 

Македонците, како вештачка измислица на Коминтерната, на Сталин и на Тито не се благодарни ни за тоа што прва Бугарија ја призна независноста на Македонија со безобразен изговор дека тоа било само делумно, оти јазикот им е на чист бугарски дијалект, бидејќи џуџето од Небрегово Блаже Коњевиќ сменил само две букви препишувајќи ја српската азбука.
Денешните Бугари кои се нарекуваат Македонци сѐ уште го слават АСНОМ како антифашистичко и антибугарско Собрание на својата прва држава како федерална република на Југославија, иако биле цело време од 1945 до 1991 година под српска власт. Крволочно ликвидирале над 20.000 освестени македонски Бугари, а измислуваат дека исто толку граѓани на Македонија ги изгубиле животите во Втората светска војна, иако биле слободни. Се работи само за десетина ликвидирани комунистички шумкари кои се нарекувале партизани и од кој бугарскиот народ и бугарската администрација во Македонија имале голема мака. Македонските комунисти на административно ослободителната бугарска власт само ги предале 7.200 свои сограѓани Евреи кои биле навреме транспортирани во Треблинка и таму ливидирани како што е редот. Ослободителната администрација во претстолнината Софија точно според тоа колку плаќале данок Евреите уредно ги регистрирала сите до еден, бесплатно ги сместила во товарни вагони со билет во еден правец.

Сите македонски преродбеници, револуционери, учени луѓе кои се изјасниле како Бугари се убиени од изродите србомани и предавници. Ете затоа Макединија е најромантичниот дел на бугарската историја. Сега влегуваме во европската фаза на реалноста и на компромисите кога македонските мрсници конечно ќе се избањаат и ќе станат чисти Бугари. Затоа треба малку да се чукнат по главата да сфатат дека или ќе бидат чокалии, или Бугари. Трето нема.
Мало значење има што светот вика нешто друго, дека е тоа опсесивна националистичка глупава политика на Бугарија на некого да му одредува национална и јазична припадност. Во Европа не можат да се изначудат на толку силната братска прегратка која нѐ задушува.

Колку ќе трае владата
Еве и оваа помалку горчлива куса пародија различно ќе се чита во Бугарија и во Македонија. Неосвестените Македонци ќе се смеат, а Бугарите во тоа нема да видат ништо смешно, туку научно потврдена вистина, поради која секогаш биле на погрешната страна на историјата. Бугарите навистина не се Македонци. За тоа има уште милион историски факти и несоборливи докази. Да беа Македонци веднаш ќе попуштеа како што македонските Бугари им ја остапија целата античка историја и националниот идентитет на грчките Македонци. Турли тава. Нели.
Остануваат уште два суштински докази дека нешто не е во ред со неосвестените Македонци, тие масовно навиваат за Ѓоковиќ наместо за Димитров, а и шопската салата ја викаат македонска, а не знаат дека е од овошје со егзотично и непознато потекло.
Со членство во ЕУ не се станува Европеец. Тоа го докажувате онака академски и научно секој ден баш со односот кон вашта најромантична историја. Треба да се изедат многу фурни леб и уште неколку генерации да се исчистат напластените заблуди и митови и кај вас и кај нас.
Еден ден Македонија ќе стаса до целта и без вас. Секогаш со задоцнување, ама ќе стаса. Ќе се срамат поколенијата од вашите меморандуми и прогласот за крај на историјата. Некој од вашите умни луѓе рече – поарно е да направиме автопат Софија – Скопје кој ќе се вика „Гоце Делчев“. Убаво кажано , ама пак доцните. Веќе е направен автопат Скопје – Солун, се вика Пријателство. Ќе ве превари и автопатот Скопје – Приштина, се казва „Арбен Џафери.“ При крај е и Скопје – Белград, ќе го крстиме „Блаже Конески“. Разбира се ако ни дозволите. Што бидна со Ориент експрес. Ќе го биде ли.
Рози по патја драги браќа и сестри.

Ерол Ризаов

извор: Дв