Будали има, само бројот треба да се утврди

Не ми е јасно од каде е тој оптимизам дека, во преостанатите неколку недели до распуштањето на Собранието, може да се дојде до решение за Законот за Јавно обвинителство? Дури тој Закон и да е услов од ЕУ за отпочнување на преговорите на Македонија со Унијата – а, не е, бидејќи ако во одлуката за преговори има напредок, тоа не зависи од усвојувањето на Законот – ВМРО-ДПМНЕ и по основ на Законот и по основ на отворањето на преговорите нема никаков политички, а ни „правен“ интерес тие две работи да се случат.

Напротив, има разновидни, силни интереси до нив да не дојде, бидејќи директно им влијае врз шансите за добивање поволен резултат на изборите. Не може да се очекува дека партијата „ќе си пукне во колено“ за да ги подобри шансите на власта за победа на изборите. Од изборните резултати, пак, директно зависи политичката судбина на сегашното раководство на опозицијата, бидејќи не ги добијат ли изборите и, уште повеќе, не успеат ли тие да ја формираат следната влада, со нив е завршено. Можеме до утре да анализираме како и кој ќе дојде на чело на партијата доколку останат и по овие избори во опозиција, но тоа нема да биде сегашното раководство, предводено од Мицкоски. И, во оваа констатација нема ништо контроверзно, тоа, просто, така ќе биде.

Од друга страна, контроверзиите околу нашето Обвинителство се прилично големи, подеднакви како и кон судството во целина. И таму се останати, буквално, истите луѓе од времето на Груевски, а и пред него. Единствениот структурен „новитет“ беше Специјалното јавно обвинителство, а и тоа сега не постои. Сегашното раководство на опозицијата ја исмева и се дистанцира и од самата идеја за СЈО, како и од Договорот од Пржино (всушност, од сите направени договори, генерално!), иако и пржинскиот Договор и СЈО беа потпишани, а потоа и изгласани (сосе предлогот за Јанева) од сите важни лидери и нивните партиски претставници во Собранието.

Колумната на Сашо Орданоски во целост прочитајте ја тука