Буквите од пораката на Тито за земјотресот вратени на своето место

LinkSense.mk

„Не е заборавена поддршката што пред 55 години нашиот град ја доби од целиот свет. Ова нека биде добра прилика да покажеме дека го сакаме нашиот град, неговата култура и уникатната урбаност која ќе ја негуваме во иднина“, рече вечерва градоначалникот на Скопје, Петре Шилегов, во Музејот на Град Скопје каде што беше откриена пораката на Јосип Броз Тито, која по 17 години повторно е вратена на фасадата на Музејот.

Пораката стоеше на источниот ѕид на Музејот од 1974 до 2001 година.

Претседателот на СФРЈ на 27 јули 1963, ден по катастрофалниот земјотрес, рекол: „Скопје доживеа невидена катастрофа, но Скопје повторно ќе го изградиме со помошта на целата наша заедница. Тоа ќе стане симбол на братството и единството, на југословенската и светската солидарност.“

Со откривањето на возобновената порака, Град Скопје ја почна четиридневната манифестација „Зборува Скопје“ во сеќавање на 55 години од земјотресот.

Шилегов информираше дека за 15-ина дена ќе почне изградба на прва подземна сообраќајница во Скопје. Најави и нов концепт наречен „Скопје урбан центар“ во кој ќе се вклучи и Асоцијацијата на архитекти на Македонија која, напомена, последнава деценија беше целосно исклучена од урбаното планирање на градот.

На настанот, пред скопјани се претставија Градскиот хор „Вардар“ и децата од „Златно славејче“ кои пуштија 1.070 бели балони во чест и во спомен на исто толку жртви кои ги загубиле животите во катастрофата во 1963 година.