Ватикан во криза: Буџетските трошоци најмали досега

Откако Папата Фрањо неодамна го усвои буџетот на Светата столица за оваа година кој предвидува дефицит од најмалку 50 милиони евра, секретарот за економија на Ватикан, Хуан Антонио Гуеро Алвес соопшти дека буџетските трошоци за 2021 година се најниски во нивната понова историја.

Ватикан кризата предизвикана од Ковид-19 ја гледа како причина за рестриктивниот буџет во кој приходите минатата година веќе беа многу помали отколку во 2019-та. За оваа година се очекува дека ќе бидат за дури 30 отсто помали.

Околу половина од буџетот го сочинуваат трошоци за персонал, но Папата не сака отпуштања. Наместо тоа, воведени се рестрикции во трошењето за консултации, состаноци, конференции, патувања, реновирања…

Ватикан, најмалата држава на светот, за своите приходи се потпира на донации, приватно претприемаштво и инвестиции.

Економијата на Светата столица во целина е обвитката со велот на тајната, што посебно важи за приватната банка на Ватикан основана во 1942 година. Таа банка повеќе пати беше средиште на финансиски скандали, од кои последниот, кога нејзиниот претседател беше обвинет за проневера на 50 милиони евра, се случи пред три години.