Возачот на Мерцедес, Луис Хамилтон, изјави дека е среќен поради вечерашната победа на трката за Големата награда на Саудиска Арабија и дека е горд на работата на тимот во текот на сезоната во Формула 1 шампионатот.
„Не знам, се тркам долго време, но ова беше неверојатно тешко. Се обидов да бидам цврст, но и разумен со целото мое тркачко искуство, да го задржам болидот на патеката и да останам ‘чист’. Беше тешко, но останавме како екипа, многу работи беа ‘фрлени’ на нас, особено во вториот дел од сезоната, и јас сум горд на се“, изјави Хамилтон по трката.
Хамилтон победи во Џеда, го постигна 103-от триумф во кариерата и се изедначи со возачот на „Ред Бул“, Макс Верстапен, на првото место во генералниот пласман. Верстапен е во предност бидејќи има девет победи во сезоната, една повеќе од седумкратниот светски шампион.
„’Ред Бул’ има сурово темпо, тешко е да се престигнат, завршивме одлична работа. Валтери (Ботас) заврши одлична работа за тимот и ова е за сите во фабриката. Ова е сјаен настан, се чувствував добредојден, патеката е феноменална, многу тешка физички и психички, но поинаку не би ни сакале“, наведе Хамилтон.
Трката беше хаотична, во два наврати беше прекината поради инциденти, а во центарот на вниманието беше дирекцијата на трката, која одредуваше казни за возачите. Според една одлука, Верстапен требаше да му ја врати позицијата на Хамилтон, тој го направи тоа, но веднаш го нападна и си го поврати водството.
Една од спорните ситуации беше одлуката на Верстапен да ја намали гаста, во моментот кога требаше да му ја предаде позицијата на Хамилтон, по што Британецот го удри одзади. Холанѓанецот доби казна од пет секунди.
„Не разбрав зошто толку ненадејно закочи, а потоа го удрив. Беше прилично збунувачки“, изјави Хамилтон.
Верстапен беше незадоволен по трката.
Она што се случи денес беше неверојатно, а во овој спорт повеќе се работи на казни отколку за тркање. За мене ова не е Формула 1. Имаше многу настани за време на трката. Се случија многу работи со кои не се согласувам, но така е како што е. Се обидов да дадам се од себе на патеката. Мислев дека моите гуми нема да издржат, но сепак сум втор“, рече тој.
„Забавив, сакав да го пропуштам Хамилтон, бев на десната страна, но тој не сакаше да ме помине и дојде до контакт. Не разбирам што навистина се случи. Се ќе се реши во Абу Даби, се надевам дека ќе имаме добар викенд“, додаде холандскиот возач.
По трката, Верстапен беше повикан на сослушување кај управниците во врска со ненадејното сопирање.
Третото место го зазеде возачот на „Мерцедес“, Валтери Ботас, кој во последните метри го престигна Естебан Окон од „Алпин“.
„Не беше лесно, многу пречки и црвени знамиња ја отежнуваа ситуацијата. Се борев. Денеска не беше лесно да се претекнува, но конечно, непосредно пред целта, успеав да го освојам третото место“, изјави Ботас.
Последната трка во шампионатот е закажана за седум дена во Абу Даби.
(Фото: АП)