(ВИДЕО) Италија: Затворски чувари крвнички тепаат затвореници

Видео снимката на која се гледаат затворски чувари кои тепаат затвореници со гумени палки и со тупаници по минатогодишните протести за пандемијата од корона вирус ја згрозија Италија и ја разбеснија министерката за правда.

Претепувањето се случило на 6 април 2020 година, во затворот Санта Мариа Капуа Ветере, северно од Неапол, а снимките од видеонадзорот ги објави вчера дневниот весник „Домани’“.

Видеото предизвика осуда од дел од политичарите, но и изрази на поддршка за чуварите.

Ве предупредуваме дека за некои снимката може да биде вознемирувачка

Министерката за правосудство, Марта Картабиа, изјави дека со ова е „повредено достоинството на затворениците, но и униформата која секој вработен во затворот, маж или жена, сеедно, треба да ја носи со гордост“ и побара темелна анализа за случувањата.

Државното обвинителство лани покрена истрага после поднесувањето на тужба против насилство на затворски чувари еден ден после протестот кој го поттикна информацијата за позитивен случај со ковид-19 меѓу затворениците.

Педесет и двајца вработени во затворот се уапсени оваа недела или се информирани за покренување на судска постапка против нив под сомнение за мачење, насилство и злоупотреба на службата. Со истрагата се опфатени 110 лица.

На видео снимката која трае нешто повеќе од шест минути, а направена од надзорни камери поставени во ходниците на институцијата, можат да се видат десетина чувари, повеќето од нив со кациги и штитови, како немилосрдно тепаат затвореници.

Затворениците се обидуваат да се заштитат обидувајќи се да го прескокнат кордонот од чувари кои со пендреци и клоци ги удираат по глава.

Затвореник во инвалидска количка доби удар по грбот, а тројца мажи чуварите ги тепаат додека беспомошно лежат на подот.

Од СМС пораките кои ги размениле чуварите се гледа дека акцијата, во која учествувале повеќе од 280 припадници на затворската полиција, била планирана и замислена како одмазда.