„Виша сила“: Украина затвора еден од клучните европски гасоводи

LinkSense.mk

Нарачките за 11 мај за транзит на руски гас низ Украина на влезната точка Сохрановка“ паднаа на нула, покажаа денеска податоците на украинскиот оператор на гасоводот, откако Киев најави затворање на тој правец за снабдување.

Украина вчера соопшти дека ќе го прекине протокот на гас низ таа транзитна точка, која испорачува речиси една третина од рускиот гас во Европа преку Украина, обвинувајќи ја Москва за тоа и најавувајќи дека ќе го премести протокот на гас некаде на друго место.

Гасоводот преку точката Сохрановка поминува низ украинскиот регион Луганск, чиј дел е под контрола на проруските сепаратисти.

Украинскиот оператор на гасоводот ГТСОУ соопшти дека од денес ќе ја запре испораката преку оваа траса, повикувајќи се на „виша сила“, клаузула на која компанијата може да се повика кога ќе биде погодена од нешто што е надвор од нејзина контрола. Но, Газпром, компанија контролирана од Кремљ, која има монопол на извозот на руски гас преку гасоводот, рече дека е „технолошки невозможно“ да се префрли сета количина на гас во друга интерконективна точка на запад, како што е предложено од ГТСОУ.

Податоците покажуваат дека барањата за транзит на руски гас во Европа преку Украина, на таа западна влезна точка Суџа“, денеска изнесуваат речиси 72 милиони кубни метри.