Владата го разреши Пауновски, се однесувал непрофесионално

Владата го разреши Стојко Пауновски од функцијата директор на Државниот пазарен инспекторат (ДПИ). Пауновски е разрешен поради неговото непрофесионално однесување.

„Оваа консензуално донесена одлука е донесена според Кодексот за етичко однесување за членовите на Владата и носителите на јавни функции именувани од страна на владата и според законот за Државен пазарен инспекторат“, информираа Владата.

Разрешувањето на Пауновски следува откако тој минатата недела јавно кажа дека не може да ги преземе во пазаришниот инспекторат 32-цата вработени што му ги определи Владата, туку само оние кои имаат соодветно образование.

Премиерот Зоран Заев во тоа препозна пркос, рече дека таквиот однос на Пауновски е недозволив, како и дека има основа за негово разрешување.

Вработените во ДПИ апелираа Владата да не го разрешува нивниот директор, зашто Пауновски, како што потенцираа, изминатиот период покажал капацитет за успешно раководење со институцијата. Над 100 инспектори се потпишаа и на петицијата за одбрана на Пауновски.

Предвидените 32 лица кои требаше да преминат во ДПИ се дел од вкупно 1.349-те „рамковно“ вработени за кои Владата уште во јануари годинава донесе одлука да се распоредат во 237 државни институции.

„Рамковните“ повеќе од една деценија не одеа на работа, а редовно добиваа плата.