Владата почнува кампања „Сега се е јавно, корупцијата не се исплати“

Владата од денеска ја почнува кампањата „Сега се е јавно, корупцијата не се исплати“ која е насочена кон целосно искоренување на оваа појава во општеството. Целта е да се мобилизираат и охрабрат граѓаните и јавната администрација во обезбедувањето на заштитни механизми и отпор против корупцијата.

Станува збор за широка комуникациска кампања со цел да се информира јавноста за оваа појава и да се распознае и пријави корупцијата. Изработени се три спота во кои се претставени случаи на корупција и заштитните механизми, a ќе биде креирана и посебна интерактивна веб страница.

Премиерот Зоран Заев, кој денеска заедно со вицепремиерот задолжен за борба против корупцијата и криминалот, одржлив развој и човечки ресурси Љупчо Николовски ја промовираше кампањата, порача дека Владата и граѓаните се на иста страна во борбата против корупцијата.

–  Не постои ситна или голема корупција, ниту пак различен пристап меѓу големата и малата корупција. Пристапот е единствен, на корупцијата мора да и ставиме крај без разлика од каде доаѓа и кој се нејзините димензии. Мора да им се  застане на патот на сите кои го корупираат општеството, а тоа го можеме самоз аедно, истакна Заев на прес-конференцијата во Владата.

Порача дека никој не е заштитен и оти мора со заеднички сили и со помош на граѓаните да се искорени оваа појава.

–  Најсилната помош која треба да ја добиеме е од граѓаните. Тие треба да пријавуваат, порача Заев.

На кампањата, рече Заев, треба да се гледа како на придонес за синхронизирана комуникација и за остварувањето на приоритетите утврдени во Националната стратегија за спречување на корупцијата и судирот на интереси 2021-2025.

Вицепремиерот Николовски рече дека во изминатиот период се менува пристапот и оти сега секој може со само неколку клика да ги види сите јавни набавки, учесници во тендери и други информации.

-Ова е борба во која секој поединец е важен. Резултатите зависат од сите нас и очекувам дека сите заедно ќе ја постигнеме целта – институциите да постапуваат координирано и да постапуваат, а граѓаните да пријавуваат, порача Николовски.

Посочи дека на кампањата и претходеле опсежни и длабински анализи и проценето е дека постои потреба од ваков тип на комуникација со граѓаните.

– Мора да се подигне свеста на граѓаните за препознавање и да ги охрабриме да ја пријавуваат корупцијата. Имаме силна поддршка со експертиза и од наши странски соработници и во кампањата ќе биде вклучена и консултантска поддршка од нивна страна, рече Николовски.

Во следните 15 дена, како што најави Николовски, ќе биде промовиран и централизиранот систем за пријавување корупција и следење на сите предмети во рамки на институциите, креиран со поддршка на УСАИД.