Влада: Спречуваме ценовен шок на енергенсите со мерките за намалено ДДВ и акцизи

LinkSense.mk

Владата во услови на светска криза и нарушувања на пазарот на храна и енергенси, донесе сет од 26 мерки за заштита на животниот стандард на граѓаните и спречување на ценовен шок.

Цената на енергенсите на нафта и нафтени деривати на светските берзи се менува на дневна основа, но со одлуките кои Владата ги донесе во однос на скалестото намалување на акцизата и намалувањето на ДДВ, се спречува ценовен шок. Како резултат на сите преземени мерки на Владата донесени во консултација со сите релевантни општествени чинители, во регионот имаме најниска цена на нафта и нафтени деривати.

Регулаторната комисија за енергетика ја следи состојбата на дневна основа и цената се определува врз основа на методологија која што е пропишана, во однос на цената на нафтата и нафтени деривати.

Промените на цената на енергенсите на светските берзи на дневна основа се резултат на светските случувања, пред сé воената агресија врз Украина, што влијае исклучително негативно и со далекусежни последици не само врз цената на енергенсите, туку и на цената на храната и останатите основни суровини.

Во таа насока сите мерки кои Владата ги донесе се за справување со овие предизвици и заштита на стандардот на граѓаните. Владата, ресорните министерства и институциите ја следат состојбата и делуваат за зачувување на општата благосостојба во услови на светска криза.