Владините мерки го намалија прометот во обложувалниците

Не стивнуваат и реакциите за мерката за приложување на сертификат за вакцинација за влез во многу објекти и за присуство на настани и прослави.

Сојузот на стопански комори смета дека со новите мерки за заштита од ширење на корона вирусот кои завчера стапија во сила, се предизвикуваат дополнителни проблеми поради нивната селективност и неспроведливост во пракса.

„Владата треба да појасни дали мерките важат и за влез на лицата вработени во угостителските објекти, моловите и сите други објекти кои се опфатени со забраната доколку не поседуваат сертификат за вакцинација или потврда за поминати 45 дена од прележан Ковид-19. Недореченоста на мерките од страна на Владата ги става во незавидна положба и работодавачите кои не знаат дали и како треба да постапуваат“, изјави Александра Андреева, член на Управниот одбор на комората.

Според неа, исто така, нејасно е и дали лицата до 18 години влегуваат во вкупната бројка од 30 лица која се дава како услов за воведување дополнителни мерки.

Реагираа и од Асоцијацијата на спортски обложувалници на Македонија од каде бараат државата итно и трајно да овозможи онлајн игри на среќа преку сајтовите на македонските лиценцирани обложувалници.

Пандемијата и мерките против Ковид, како што посочија, сериозно влијаат на работата на спортските обложувалници. Само изминатите два дена драстично бил намален прометот во објектите.

Според Асоцијацијата на Инвент индустријата, Владата треба да има предвид дека активностите во дејноста организирање настани се планираат со недели однапред и не е едноставно да се менуваат правилата од денес за утре.

Оттаму прашуваат дали само посетителите на настан треба да поседуваат потврда за прележан корона вирус или вакцинација или се бара за сите вклучени во настанот (технички тим и учесници).

По примерот на другите земји, Асоцијацијата бара и да се дозволи влез на настани со потврда за негативен ПЦР тест, брзи тестови на влез, вклучително со останатите потврди кои се во сила.

 

 

(Фото: Пресинг тв)