ВМРО-ДПМНЕ: СДСМ и Заев за да го прикријат грабежот го делат народот на проевропски и антиевропски

LinkSense.mk

„СДСМ ги потценува граѓаните на Република Македонија, мислејќи дека криминалот ќе може да го прикријат со измислена поделба на народот, дека некој е за, а некој против НАТО или ЕУ во зависност од тоа дали го поддржува или не штетниот и капитулантски договор на Зоран Заев со јужниот сосед. Картелот предвоен од Зоран Заев се лаже кога мисли дека може да убеди некого дека нивното криминално и расипничко работење е по европски стандарди“ обвинуваат од ВМРО-ДПМНЕ.

Од партијата потенцираат дека „СДСМ не може никого да изманипулира дека европска вредност е делење на милионски крвави тендери во Министерство за здравство и тендери на фирми без никакво искуство кои постојат помалку од еден месец. Само за СДСМ и аболицираниот Зоран Заев европска вредност е ангажирање на камиони на Вице, во нетранспаретна постапка во четири очи. Само за СДСМ и Зоран Заев европска вредност е доделување лиценци за бизниси со марихуана или градежно земјиште сами на себе или на семејството. Само за СДСМ може да биде европски стандард делење на средства од Фондот за иновации на роднини на функционери во Владата и врхушката на партијата“.

„Само СДСМ може да смета дека европска вредност е државата да ја води лице кое е два пати аболицирано за криминал, кого целата македонска јавност го виде како бара мито од „едно евро за црквата и едно евро за Вице“. СДСМ и Заев за да го прикријат грабежот кој и го прават на Република Македонија се обидуваат да го поделат народот на проевропски и антиевропски. Сите оние кои што се противат на Договорот со Грција и распродавањето на државните и националните интереси СДСМ и Заев ги етикетираат како антиевропски граѓани. Капитулантскиот договор кој СДСМ го потпиша со Грција и истиот се обидува да го протне зад маската со евроинтеграциите значи бришење на македонскиот идентитет, менување на Уставот, нацијата, македонската култура, историја и традиција“ – велат од ВМРО-ДПМНЕ.