Додека на меѓународен план растат тензиите за судбината на нивната татковина, украинските војници во рововите околу, од војна, разурнатото градче Маринка, живеат чуден парадокс.
Светот се плаши од руска инвазија, но украинските борци во тој мал град западно од Доњецк се соочуваат со сè поретки напади од проруските сепаратисти од другата страна на бојното поле.
„Премногу е тивко“, изјавил 49-годишниот Ботсман за Франс Прес. „Тоа ме вознемирува. Како затишје во бура“.
Вниманието на Западот во моментов е насочено кон повеќе од 100.000 војници во близина на границата со Русија, но Киев веќе осум години се бори против проруските сепаратисти. Конфликтите на источниот фронт веќе долго време се со низок интензитет, а Бостман тврди дека од неодамна тие скоро престанале.
Сепак, рекол Украинецот, неговата позиција била гранатирана во понеделникот.
„Есенва имавме работа“, истакнал Ботсман. „Нѐ држеа будни навечер, ни ги попречуваа оброците, а сега е тивко. Но, сигурен сум дека знаат дека сме тука и колку не има“, нагласил тој.
И покрај растот на тензиите, во пракса, малку нешто се промени за оние кои се на позициите во, со снег прекриени, рушевините во Маринка.
„Нашата должност продолжува како и обично“, рекол Ботсман.
Предупредувањата од западните сојузници на Украина за руска инвазија на насловните страници на светските медиуми лошо влијаат на нервите на Украинците на првата линија.
„Тоа е тешко за моралот. Повиците од семејствата се многу вознемирувачки. Морам да ги тешам“, рекол 49-годишникот.
Војниците прават се што можат за да се справат со тензиите. Војникот Сих во разрушена штала направил импровизирана теретана. 39-годишниот војник верува дека предупредувањата за потенцијален масовен напад се дел од информативната војна која Русија ја води против Украина.
„Мораме да ставиме крај на оваа војна, со помош на нашите сојузници или самите ние, на кој било начин, со кои било достапни средства“, рекол тој.
Ако навистина има инвазија, тој верува дека украинската армија е подобро опремена и подготвена за борба.
„Можеби Путин, како стара будала, мисли дека може да стигне до Киев за два дена. Само нека се обиде. Го запревме во 2014 година кога имавме само папучи. Сега сме многу силна армија“, изјавил Сих.
Украина во понеделникот објави дека во изминатите неколку месеци ос западните партнери добила повеќе од илјада тони оружје и воена опрема, вредни околу 1,5 милијарди долари.
Ботсман тврди дека е потребно повеќе, особено противтенковски ракети и наведувани ракетни системи.
„Помошта треба да дојде во сите форми, и морално, и материјално, и воено и политички“, му кажал тој на новинарот на Франс Прес.
Тој го наведе неуспехот на Западот да ја запре руската инвазија на Грузија во брзата војна во 2008 година.
„Ако биде како со Грузија, дека Западот е само ‘загрижен’, тогаш сè ќе заврши во солзи“, заклучил тој.