Волстрит падна седма недела по ред

LinkSense.mk

После големите осцилации цените на акциите на Волстрит минатата недела пак паднаа, седми пат по ред, бидејќи инвеститорите стравуваат дека поради високата инфлација американската Централна банка агресивно ќе ги зголеми каматните стапки, што може да предизвика рецесија.

На Волстрит, Дау Џонс падна за 2,9 отсто, на 31.261 поен, додека СиП 500 „потона за 3 отсто, на 3.901 поен, а индексот Насдак 3,8 отсто, на 11.354 поени. Пад СиП 500 и Насдак седум последователни недели не е забележан од кризата во 2001 година, додека пад на Дау Џонс дури осум недели едно по друго не е забележан од Големата криза во 1932 година.

Пазарот е како на игли бидејќи се очекуваат натамошни агресивни зголемувања на каматните стапки на американската Централна банка, заради што економијата би можела да се нурне во рецесија.

Бидејќи инфлацијата во Америка е на највисоко ниво во последните 40 години, над 8 отсто, Централната банка од март ги зголеми каматните стапки за 0,75 процентни поени, а се очекува дека дополнително ќе ги зголеми за по 0,50 процентни поени.

Инвеститорите стравуваат дека поради тоа, но и поради војната во Украина и пореметувањата во ланците на снабдување, економијата би можела да западне во рецесија.

Аналитичарите сметаат дека постојат 35 отсто шанси за рецесија во следните две години. Велат дека реалност е оти инфлацијата е висока, а каматните стапки растат и дека се додека стапката на инфлација не почне да се забавува, пазарот ќе биде многу нестабилен во поголемиот дел од летните месеци.

Меѓу најголемите губитници беше технолошкиот сектор, кој во последните години поради корона кризата порасна најмногу. Но, амбиентот со повисоки каматни стапки не му оди во прилог на тој секторот.

Под притисок беше и трговскиот сектор бидејќи деловните резултати на трговските ланци покажуваат дека нивните оперативни трошоци растат, додека растот на инфлацијата ја намалува куповната моќ на населението.

Поради високата инфлација, растот на каматните стапки, забавувањето на економскиот раст, војната во Украина и прекините во снабдувачките ланци, од почетокот на годинава СиП 500 падна за околу 18 отсто, додека Насдак „потона за околу 27 отсто.

И на европските берзи цените на акциите минатата недела паднаа, но многу поблаго отколку на Волстрит. Лондонскиот ФТСЕ индекс се намали за 0,4 отсто, на 7.389 поени, франкфуртскиот ДАКС за 0,3 отсто, на 13.981 поени, а париски CAC за 1,2 отсто, на 6.285 поени.

На токиската берза, пак, индексот Никеи минатата недела порасна за 1,2 отсто, на 26.739 поени.