Волстрит порасна, почна важна седница на ФЕД

LinkSense.mk

Берзанските индекси на Волстрит пораснаа втор ден по ред, а тргувањето повторно беше неизвесно додека инвеститорите ги очекуваат одлуките на лидерите на Американската централната банка (ФЕД) за заострување на монетарната политика.

Дау Џонс (Dow Jones) зајакна за 67 поени или 0,20 отсто, на 33.128 поени, СиП 500 (S&P 500) порасна за 0,48 отсто, на 4.175 поени, а Насдак (Nasdaq) за 0,22 отсто, и сега чини 12.563 поени.

Во текот на целото тргување, индексите наизменично се менуваа во позитивно и во негативно подрачје бидејќи инвеститорите не сакаат да преземаат премногу ризици пред одлуките на шефовите на централните банки на САД.

Вчера почна нивната дводневна седница, а бидејќи инфлацијата во САД е на највисоко ниво во последните 40 години, речиси сите очекуваат зголемување на каматните стапки за 0,50 процентни поени, што е најголемото еднократно зголемување на цената на парите од 2000 година.

ФЕД на својата мартовска седница ги зголеми каматните стапки за прв пат од 2018 година, за 0,25 процентни поени, а се очекува и после мај да продолжи со агресивно затегнување на монетарната политика.

Затоа денес во фокусот на инвеститорите е прес-конференцијата на претседателот на ФЕД, Џером Пауел, кој би можел да го наговести темпото со кое во иднина ќе се зголемуваат каматните стапки, но и да се намалува билансот кој ФЕД го акумулира со купување на обврзници за да и помогне на економија за време на коронакризата.

Главната причина за нестабилноста на пазарот во последните месеци беше ФЕД и неговата остра реторика, така што коментарите на Пауел ќе бидат главниот двигател на пазарот во среда“, смета аналитичарот Рос Мејфилд.

Со оглед на тоа што во првото тромесечје американската економија падна квартално за прв пат во две години, инвеститорите се плашат дека може да западне во рецесија доколку ФЕД премногу ги зголеми каматите.

И покрај неизвесноста пред седницата на ФЕД, во последните два дена цените на акциите пораснаа, по остриот пад во април. Од 11-те најважни сектори на индексот СиП 500, девет од нив вчера забележаа раст, а најмногу енергетскиот и финансискиот.

И на европските берзи цените на акциите вчера пораснаа. Лондонскиот ФТСЕ индекс (FTSE) се зголеми за 0,22 отсто, на 7.561 поени, додека франкфуртскиот ДАКС (DAX) порасна за 0,72 отсто, на 14.039 поени, а париски ЦАЦ (CAC) 0,79 отсто, на 6.476 поени.

 

 

 

 

 

(Фото: ЕПА)