Волстрит расте четврти ден по ред

LinkSense.mk

На Волстрит, вчера, цените на акциите пораснаа четврти трговски ден по ред, бидејќи инвеститорите се надеваа дека претстојниот извештај ќе покаже дека инфлацијата во САД се намалува.

Дау Џонс (Dow Jones) зајакна 0,71 отсто, на 32.381 поени, додека СиП 500 (S&P 500) порасна за 1,06 отсто, на 4.110 поени, а индексот Насдак (Nasdaq) отиде нагоре за 1,27 отсто, на 12.266 поени.

Притоа, во сите 11 најважни сектори на СиП 500 (S&P 500) пораснаа цените на акциите, а најмногу во енергетскиот и технолошкиот сектор.

А, после четири дена раст, индексите достигнаа највисоки нивоа во последните две недели.

Ова е благодарение на надежта на инвеститорите дека инфлациските притисоци во САД се намалуваат, што би можело да ја натера американската централна банка да го забави темпото на зголемување на каматните стапки.

Затоа, денеска во фокусот на инвеститорите е биде извештајот за потрошувачките цени во САД, кој ќе покаже колку се намалија инфлациските притисоци во август, со оглед на тоа што во тој месец паднаа цените на горивата.

Аналитичарите анкетирани од Ројтерс проценија дека инфлацијата падна на 8,1 отсто на годишна основа, од 8,5 отсто еден месец порано.

„Се очекува забавување растот на потрошувачките цени, а инвеститорите се надеваат дека тоа ќе доведе до забавување на темпото на зголемување на каматите на ФЕД по септември“, објаснува Роберт Павлик, менаџер во компанијата „Дакота Велт“.

Челниците на ФЕД засега не попуштаат од острата реторика за сузбивање на инфлацијата. Претседателот на централната банка, Џером Пауел, минатата недела изјави дека ФЕД е „силно посветен“ на ограничување на инфлацијата и дека ќе продолжи да ја заострува монетарната политика додека не ја постигне таа цел.

ФЕД ги зголемува каматните стапки од март, а дополнително ќе ги зголеми и на дводневната седница на 20 и 21 септември.

Се очекува ново, трето по ред, зголемување од 0,75 процентни поени, но инвеститорите се надеваат дека после тоа ФЕД ќе го забави темпото на заострување на монетарната политика.

Цените на акциите вчера пораснаа и на европските берзи. Лондонскиот ФТСЕ (FTSE) индекс зајакна 1,66 отсто, на 7.473 поени, додека франкфуртски ДАКС (DAX) скокна за 2,40 отсто, на 13.402 поени, а париски ЦАЦ (CAC) 1,95 отсто, на 6.333 поени.

 

 

 

 

 

 

 

(Фото: ЕПА)