Во Битола гостува ракометниот „бундес“ гигант Магдебург

Вечер во Битола во рамки на натпреварите од европската ракометна лига ќе гостува „бундес“ гигантот Магдебург од истоимениот германски град.

Во пресрет на првата осмина-финална средба, тренерот на битолчани Жељко Бабиќ изјави дека против Еурофарм Пелистер никој не може да се смета за фаворит.

„Среќни сме што во Битола ни доаѓа моќна германска екипа која во моментов е второпласирана во домашното првенство. Ги познаваме нивниот квалитет и слабости, и затоа со оптимизам ја дочекуваме вечерашната прва средба“, истакна Бабиќ.

Во тимот на Магдебург настапуваат искусни скандинавски интернационалци од Данска, Шведска, Норвешка, како и репрезентативците од Балканот, односно Жељко Муса од Хрватска и Марко Безјак од Словенија, но поради КОВИД-мерки, натпреварот што почнува во 20.45 часот ќе се игра без публика.