Во Велес и велешко се намалува бројот на новозаболени од Ковид-19

ЈЗУ Центар за јавно здравје-Велес денеска регистрирал пет новозаразени со коронавирусот, откако вчера немаше ниту еден позитивен.

„Убава вест е што денеска има и 15 оздравени, но 539 лица во Велес и велешко сè уште се активни на коронавирусот, а најголем дел од нив 510 пациенти се на домашно лекување. Има и неколкумина велешани на лекување во скопските клиники: на Инфективната клиника еден,а и во ГОБ „8 Септември“ има еден, двајца во болницата во Козле и еден на Тораковаскуларна клиника во Скопје и двајца велешани се лекуваат во приватни клиники“, информира д-р Весна Николовска Неделкова в.д директор на ЈЗУ Центар за јавно здравје.

Во велешката општа болница вкупно се хоспитализирани 29, од кои 20 се потврдени позитивни, два сомнителни и седум пациенти со негативен тест, но задржани на болничко лекување. На кислородна поддршка се 10 пациенти.

„На инфективно одделение кое е со 54 кревети има 25 пациенти. На Интерно Б крак се лекуваат четири пациенти со последици по прележан Ковид“, информира портпаролот д-р Елеонора Јованова.