Во Демирхисарско државни службеници ги вреднуваат луѓето по 1.000 денари

Битолската полиција вечерва е во Брезово, Зашле и Илино, села во демирхисарскиот крај.

Стасале по пријава на активистка на организацијата Цивил, која на дело фатила и снимила раководители од Центарот за социјални работи и од Агенцијата за вработување во Битола како на жители на селото им нуделе поткуп од по 1.000 денари за глас на утрешните избори.

Има, исто така, сведок од Брезово, кој се пријавил да сведочи дека претставници од власта денеска му нуделе по 1.000 денари од глас во семејството.

Според информациите, МВР треба од селата Зашле и Илино да собере снимени изјави од сведоци кои потврдиле дека денеска им било нудено по илјада денари за даден глас.

Случајот, освен во СВР Битола, е пријавен и во битолското јавно обвинителство.