Во Канада презентирани можностите на Македонија во рударството

Вицепремиерот за економски прашања Владимир Пешевски пред околу 100 потенцијални инвеститори од рударскиот сектор на бизнис форумот во Торонто, Канада, ги презентираше инвестициските можности во Република Македонија, со особен фокус за инвестирање во секторот рударство.

На форумот, организиран од Канадската асоцијација за развој и рударско истражување, Пешевски, како што информираат од неговиот Кабинет, истакнал дека изминатите години, се бележи позитивен тренд кога е во прашање рударскиот сектор во земјата, дека активните рудници за метална руда функционираат непречено и дека имаат големо влијание во локалниот економски развој, а управувани се од сериозни, одговорни и стабилни концесионери.

Пред присутните Пешевски го претставил и Законот за експлоатација на минерални суровини и концесиските трошоци за геолошки истражувања и експлоатација.

На форумот присуствуваат околу 100 претставници на канадски компании од секторот рударство. Дел од нив веќе реализираат ивестициски проекти во земји од Источна Европа, Турција и поранешни советски републики.