Во Куманово поставени корпи за одлагање искористени маски и ракавици

Во Куманово на неколку локации се поставени корпи за одлагање на користени, еднократни маски и ракавици, информираа денеска од Секторот за животна средина од Општината. Граѓаните можат да ги користат овие корпи и да го одлагаат ваквиот отпад и да придонесат за заштита на животната средина.

– Од почетокот на ширењето на коронавирусот се создава ваков отпад, маските станаа секојдневие, затоа е потребно соодветно да се одлагаат. Во соработка со граѓански организации поставени се вакви садови за смет пред неколку маркети во Куманово, изјави овластениот инспектор за животна средина, Бобан Бојковски.

Корпите се поставени во рамки на промотивна активност што ја спроведува Здружението на граѓани Центар за еколошка демократија „Флорозон“ Скопје за проектот „Биди одговорен за себе и за нашата животна средина и во услови на пандемија“ и Здружение „Мотиво“ од Куманово, како дел од коалицијата за животна средина.

Од вклучените здруженија појаснуваат дека целта на проектот е да се придонесе во борбата против ширењето на коронавирусот преку соодветно одлагање на т.н. Ковид – 19 отпад и ублажувањето на последиците од пандемијата врз граѓаните, со посебен акцент на најранливите општествени групи. Проектот е финансиски поддржан преку одделението за соработка со невладините организации при Генералниот секретаријат на Владата на Република Северна Македонија.

Здружението набавило 100 корпи за отпадоци кои ќе бидат поставени во неколку градски центри во (Скопје, Куманово, Тетово и Струга) и со што ќе придонесе за минимизирање на загадувањето на животната средина од несоодветното одлагање на задолжителните маски и ракавици за еднократна употреба.

Во акцијата се вклучени и комуналните претпријатија. Оваа пракса е широко применета во речиси сите развиени држави, појаснуваат од здруженијата, бидејќи, сѐ уште не е воспоставен прецизен протокол кој ќе овозможи најсоодветно одлагање на еднократните маски и ракавици.