Во Лондон и Париз протести против Трамп

Неколку илјади луѓе се собраа денес пред Британскиот парламент во Лондон барајќи од Владата да го повлече повикот американскиот претседател Доналд Трамп да дојде во државна посета на Велика Британија.

Од кога неодамна го посети Вашингтон, разговараше со Трамп и го повика да дојде во посета следното лето, во Велика Британија последниве денови се се поголеми критиките против конзервативната премиерка Тереза Меј.

Демонстрантите денес во поворка поминаа од Амбасадата на САД до парламентот, извикувајќи „Нека ти биде срам Тереза Меј!“.

london tramp 2

Додека Тереза Меј инсистира дека Трамп е добредојден, британските пратеници ќе расправаат на 20 февруари за петицијата во која се бара државната посета на Доналд Трамп на Британија да се спушти на ниво на обична.

На таа петиција се собрани 1,7 милиони потписи.

Во Париз, пак, околу 1.000 луѓе, повеќето од нив странци кои живеат во Франција, се собраа протестирајќи поради анти-миграцискиот указ на претседателот на САД, кој сојузниот суд привремено го блокираше, јавува агенцијата „Франс прес“.

„Се собравме за да кажеме дека не ја прифаќаме омразата“, изјави Мајкл Џејкобс, млад Американец, кој беше еден од организаторите на собирот.

Демонстрантите носеа транспаренти „Трамп треба да си оди“, „Бегалците се добредојдени“ и „Народот е соединет, а не поделен“…