Во Македонија има 219.000 невработени

Стапката на невработеност во четвртиот квартал од 2016 година изнесува 23,1 проценти, а бројот на невработени во тој квартал изнесува 219.148 лица, објави Државниот завод за статистика. Според објавените податоци, стапката на невработеност е намалена за 0,3 отсто.

Од вкупниот број невработени, 60,3 отсто се мажи, а 39,7 отсто се жени. Според возраста, најмногу невработени лица, од 47,3 отсто, има кај лицата на возраст од 15 до 24 години, 22,3 отсто од невработените се лица од 25 до 49 години и 16,9 отсто се невработени лица на возраст од 50 до 64 години. Меѓу невработените 105.180 лица се со четврти степен средно образование, 19.868 лица се со трет степен средно образование, а невработени со високо образование се 44.509 лица.

Активното население во Македонија има 950.255 лица, од кои вработени се 731.107 лица. Најмногу од вработените се во преработувачката индустрија 137.351, земјоделството, шумарството и рибарството 121.068 и трговијата 109.065 лица.Бројот на работниците во индустријата во јануари годинава во однос на јануари лани е зголемен за 0,4 отсто. Во секторот рударство и вадење камен бројот на работниците во јануари годинава во однос на јануари лани има пораст од 1,2 отсто, во преработувачката индустрија пораст од 0,4 отсто, а во секторот снабдување со електрична енергија, гас, пареа и климатизација опаѓање од 0,7 отсто.