Во Прилеп почна исплатата на субвенциите за тутунот

LinkSense.mk

Тутунарите денеска беа пред банките да ги подигнат парите за исплата на субвенциите од ланската реколта тутун.

Исплатата на субвенциите почна и за околу 23.000 тутунари, за што од Платежната агенција се префрлени една милијарда и 700 милиони денари.

„Парите се добредојдени, мора да се подмират трошоците и да се испланира новата реколта која почна да се засадува. Малку се намалени количествата, но, големи се очекувањата за подобра цена. Производството мора да биде планско, зашто нема да се откупи вишокот“, вели прилепскиот тутунар Ѓорѓија Ѓорески

Тој истакна дека ланската година нема да ја памети по добро, но, рече, дека сега мора да се подмират трошоците за новата реколта и дека се надева и очекува подобра цена.

Според Зоран Пачешкоски, раководител на подрачната единица на Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство, очекувањата годинава се поголеми.

„Исплатата на субвенциите, мерките, временските услови кои укажуваат на квалитетна реколта очекуваме да влијаат на поголеми цени на тутунот. Иако за 2 до 3 илјади тони е намалена реколтата, очекуваме квалитет. Може само да им порачам на тутунарите да го сработат родот и да очекуваат цена“, вели Пачешкоски.

Од Сојзуот на земјоделските здурженија најавија средби наредниот месец за барањето за промена на Правилникот за тутун и повисоки цени за да нема манипулации во текот на откупот.

 

 

(Фото: МИА)