Во руско-украинската војна досега исчезнале 15.000 лица

LinkSense.mk

Официјален претставник од киевската канцеларија на Меѓународната комисија за исчезнати лица тврди дека повеќе од 15.000 луѓе исчезнале за време на војната во Украина.

Вели дека не се знае колку луѓе се уште се држат во руски притвори, а колку од исчезнатите во меѓувреме починале и биле закопани во импровизирани гробници.

„Скај њуз“ ја пренесува приказната за Ана Воскобоиник, жена во инвалидска количка, која не знае каде е нејзиниот 38-годишен син, Олекси.

Нејзиниот син, кој се борел на украинската страна, бил уапсен од руските сили на контролен пункт во Херсон пред три месеци и се уште не е пуштен. Иако руските трупи во меѓувреме се повлекоа од градот, нејзината потрага е сè уште е неуспешна.

„Каде е сега? Не знам. Би отишла до крајот на светот за да дознаам. Тој ми е единец. Секогаш беше во моја близина“, рекла таа.

Потрагата во Херсон е отежната поради неразвиените комуникации и големиот број неоткриени мини.

„Постои навистина голем проблем со комуникацијата, особено во селските подрачја“, рече Володимир Жданов, службеник од регионалната управа во Херсон, задолжен за исчезнати лица.

Од канцеларијата на Регионалниот обвинител соопштија дека само во Херсон се евидентирани повеќе од 900 киднапирани или исчезнати лица.

Меѓу исчезнатите се локални политичари, свештеници и обични граѓани.

До сега се ослободени 480 лица. Се претпоставува дека 379 лица се држат во некои руски затвори.

Портпаролката на обвинителот, Анастасија Весиловскаја, изјави дека во регионот биле убиени речиси 400 цивили.

Жданов е убеден дека оваа бројка може да биде многу поголема.

„Неофицијално, може да се работи за илјадници, ако ги сметаме и загинатите… Сега не можеме да го одредиме точниот број. Кога територијата целосно ќе биде ослободена, ќе можеме да го утврдиме тоа“, заклучи.

 

 

 

 

 

 

(Фото: ЕПА)