Во стампедо во Индонезија загинаа 125 луѓе, од нив 32 се деца

LinkSense.mk

Најмалку 125 луѓе загинаа, а 323 се повредени во стампедо што во саботата вечерта се случи на фудбалски стадион Канџурухан, во градот Маланго, во индонезиската провинција Источна Јава.

Бројот на загинати деца во немирите е 32, соопштија денеска официјални лица. Децата се на возраст од три до 17 години.

Инцидентот настана откако домашната екипа, Арема, загуби од Персебаја Сурабаја, по што незадоволни навивачи истрчаа на теренот, а полицијата фрли солзавец во обид да ја стави ситуацијата под контрола, што доведе до стампедо.

„За време на стампедото, многу луѓе беа прегазени, додека некои се задушиле“, изјави на новинарите началникот на локалната полиција Нико Афинта.

Претседателот Џоко Видодо нареди истрага за детално да се испитаат безбедносните пропусти што доведоа до нередот и стампедото на стадионот.

Тој наложи да се прекине натпреварувањето во Првата лига додека истрагата не биде до крај завршена.

 

 

Најголеми спортски трагедии

Катастрофата на фудбалскиот стадион во Индонезија во саботата вечерта беше еден од најтешките вакви инциденти во светот.

Според последните податоци, бројот на жртвите во стампедото е 125. А еве ги некои од најголемите катастрофи на фудбалските стадиони во последните 40 години.

* Октомври 2022 година, Индонезија

Најмалку 125 луѓе загинаа, а повеќе од 320 се повредени по фудбалски натпревар во Источна Јава во кој учествуваа Арема и Персебаја Сурабаја. Навивачите на Арема влегоа на теренот после поразот од 3:2, а полицијата фрли солзавец предизвикувајќи стампедо и случаи на задушување.

* Јануари 2022 година, Камерун

Најмалку осум лица загинаа, а 38 се повредени во стампедо на стадионот „Јаунде Олембе“ во Камерун пред пред натпреварот од финалето на Купот на Африка во којшто камерунската репрезентација требаше да игра против Коморските острови.

* Февруари 2012 година, Египет

Навивачите се побунија на крајот од натпреварот меѓу ривалите Ал-Масри и Ал-Ахли во градот Порт Саид. Најмалку 73 лица загинаа, повеќе од 1.000 беа повредени, а египетската лига беше суспендирана на две години

* Март 2009 година, Брегот на Слоновата Коска

Најмалку 19 луѓе загинаа во текот на стампедо на стадионот Феликс Хуфу-Боанџи во Абиџан, пред натпреварот од квалификациите за Светското првенство на „Брегот“ против Малави.

* Мај 2001 година, Гана

126 луѓе загинаа во стампедо на главниот фудбалски стадион во Акра, кога полицијата употреби солзавец кон навивачите кои се побунија во една од најтешките фудбалски катастрофи во Африка.

* Април 2001 година, Јужна Африка

43 луѓе беа згмечени до смрт кога фудбалските навивачи се обидоа насилно да влезат во стадионот „Елис Парк“ во Јоханесбург, среде натпревар во јужноафриканската Премиер лига.

* Октомври 1996 година, Гватемала

82 лица загинаа, а 147 беа повредени кога лавина навивачи ги урна седиштата и скалите на квалификацискиот натпревар за Светското првенство меѓу Гватемала и Костарика, во Гватемала Сити.

* Мај 1992 година, Франција

Трибината на стадионот Фуриани се урна пред полуфиналето на Купот на Франција на домашната Бастија против Олимпик од Марсеј, при што загинаа 18, а беа повредени повеќе од 2.300 луѓе. Минатата година францускиот парламент донесе закон за забрана на професионални натпревари во земјата на 5 мај во спомен на жртвите.

*Јануари 1991 година, Јужна Африка

Четириесет и две лица загинаа во стампедо за време на претсезонскиот натпревар на стадионот „Опенхајмер“ во градот Оркни, меѓу Кајзер Чифс и Орландо Пиратес.

*Април 1989 година, Велика Британија

Деведесет и шест навивачи на Ливерпул беа прегазени и згмечени до смрт во пребукиран и ограден простор на стадионот „Хилсброу“ во Шефилд пред полуфиналето на ФА Купот меѓу Ливерпул и Нотингем Форест. Една жртва почина минатиот јуни, 32 години откако претрпе тешко и неповратно оштетување на мозокот во тој инцидент.

* Март 1988 година, Непал

90 навивачи загинаа во стампедо кон заклучените излези предизвикано од силна бура проследена со град на националниот фудбалски стадион во Непал, во Катманду.

* Мај 1985 година, Белгија

Триесет и девет навивачи загинаа, а повеќе од 600 се повредени во насилството на навивачите пред финалето на Купот на Европа меѓу Јувентус и Ливерпул, на стадионот „Хејсел“ во Брисел.

* Мај 1985 година, Велика Британија

56 лица загинаа, а повеќе од 200 се повредени кога избувна пожар на трибините на стадионот „Валеј Парејд“ во Бредфорд, за време на натпреварот од Третата лига на домашната истоимена екипа против Линколн Сити.

* Октомври 1982 година, Русија

Навивачите буквално беа згмечени кога го напуштија натпреварот од Купот на УЕФА, помеѓу Спартак Москва и холандскиот ХФЦ Харлем на стадионот „Лужники“ во Москва. Официјални лица од поранешниот Советски Сојуз со години не ја откриваа трагедијата. Кога го направија тоа, тие дадоа официјален број на загинати – 66, иако бројот на загинати во несреќата со еден излез можеше да биде дури и до 340.